Инстаграм страницата „Потекло на зборовите“ неодамна се осврна на потеклото на името на делот од Европа во кој живееме - Балканскиот Полуостров. Објавата привлече големо внимание кај корисниците на оваа социјална мрежа.
Името Балкан доаѓа од турски збор што значи „планина“ или „густо пошумен планински венец“ и се однесува на Старата планина. Терминот Балкански Полуостров првпат го употребил германскиот географ Август Цојне во 1808 година, за да го именува овој дел од Европа, како Апенините и Пиринеите, по доминантниот планински масив. Подоцна, српскиот географ Јован Цвијиќ, исто така, го поддржал името, сметајќи го за посоодветен од претходниот термин „Европска Турција“.
Географски, Балканот е омеѓен со Јадранското, Јонското, Егејското, Мраморното и Црното Море. Сепак, северната граница на полуостровот не е јасно дефинирана - реките Сава и Дунав обично се земаат како природна граница. За разлика од Апенините и Пиринеите, кои се јасно ограничени со планински венци, Балканот е отворен кон север, што го направило достапен за бројни миграции и инвазии. Низ историјата, ова довело до сложена етничка и јазична слика за регионот.
Планинските венци на Балканот генерално се протегаат во правец север-југ, што го олеснувало продирањето, но и го отежнувало поврзувањето и политичкото обединување на народите. Од Римското Царство, преку поделбата на латинска и грчка сфера, па сè до влијанието на Отоманската и Австроунгарската империја, Балканот останал област на средби и разлики - религиозни, јазични и културни.
Токму поради оваа разновидност, лингвистиката денес зборува за Балканскиот јазичен сојуз (Balkan Sprachbund) - област во која различните јазици делат слични граматички карактеристики, пишува во публикацијата на страницата „Потекло на зборови“.
Интересно е што значењата на термините Балкански Полуостров и Балкан се разликуваат. Имено, Балканскиот Полуостров е географски поим кој има свои природни граници, додека Балканот е политички поим чии граници не се совпаѓаат целосно со границите на Балканскиот Полуостров.
Балканот е поширок термин што ги вклучува и териториите што географски не припаѓаат на Балканскиот Полуостров, како што се Автономната покраина Војводина, т.е. северна Србија, Хрватска северно од Сава, Словенија, цела Романија, а според некои мислења, дури и Молдавија. Критериумите за одредување на територијата на Балканот не се природните граници, туку општествените и политичките, па затоа е сосема разбирливо што територијата на Балканот ги вклучува и оние територии што не припаѓаат на полуостровот.
На почетокот на 20 век, Балканот бил наречен „Буре барут на Европа“, одноно во времето кога се правеа обиди за ослободувањето од турската и австроунгарската власт, додека големите сили се обидуваа да го одржат своето влијание и да ги остварат империјалистичките амбиции, верувајќи дека имаат право да владеат со балканските народи. Поради ова, 19-тиот и првата половина на 20-тиот век беа обележани со чести немири и ослободителни војни на Балканот, па оттука и името „Буре барут на Европа“.
Во коментарите на страницата „Потекло на зборовите“, некои напишаа дека го претпочитаат „Хелм“, античкото име за планинскиот дел од Балканот, кое со текот на времето е заменето со сегашното име.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата