Обидот на грчките власти да го забранат пеењето на песната според која Македонците се варвари на парадата во чест на Денот на независноста не успеа. Војниците и насобраниот народ во Солун и во Атина ја отпеаја песната.

Во Атина, оркестарот на грчката воена морнарица ја свирел песната, додека во Солун, војниците и граѓаните заедно ја пееле за време на парадата.

„Македонија славна“ е песна која се смета за неофицијална химна на Грците од Егејска Македонија. Стиховите се посветени на Александар, кој ги протерал варварите, и во контекст на спорот за името, грчките националисти овие стихови за варварите честопати ги упатуваат кон Македонија.

Во неделата грчките власти им забранија на учениците од Атина кои маршираа низ градот да ја пеат оваа песна, што само предизвика контрареакција при денешната главна парада. На социјалните мрежи се вртат десетици снимки од парадите во Атина и Солун на кои се слуша како насобраниот народ, но и грчките војници, ја пеат забранетата песна, а снимките се проследени со остри пораки упатени како кон Македонија така и кон Владата на Алексис Ципрас.

Хаха, на ЕРТ (грчката јавна телевизија) ги гасат микрофоните за да не се слушне како народот извикува “Грција Грција Македонија” и ја пее „Македонија славна“, напиша еден корисник на Твитер.

Грчките војници вообичаено парадите на Денот на независноста и на денот „Охи“ ги одбележуваа со навредливи пораки насочени кон Македонците, но и Албанците и Турците.

По парадата, во Солун се одржал и протест на грчки националисти против Преспанскиот договор.

1
loading...

Најчитани вести