Ситуацијата во Венецуела не се подобрува - катастрофалниот прекин на снабдувањето со електрична енергија сега влегува во шестиот ден. Властите објавија дека училиштата ќе бидат затворени, како и бизнисите. Хуманитарната ситуација е влошена од прекинот на струјата.

Атмосферата во главниот град Каракас станува потешка, но и понапната. На некои од останатите бензински пумпи кои се уште работат, за гориво се чека со часови, велат извори од теренот. Многу луѓе се на улица, чекајќи храна. Недостатокот на електрична енергија предизвикува бројни проблеми - мобилните телефони престануваат да работат, батериите се празнат...

Без струја, општеството престанува да функционира. Во некои населби во Каракас престанале да работат и пумпите за вода, така што луѓето ги добиваат потребните ресурси на јавни цистерни, на потоци ...  Градските власти го отворија резервоарите за вода, така што некои луѓе полнат сега на места кои претходно биле користени за отпадни води. Водата што доаѓа е чиста, но поминува низ нечисти цевки. Истата не требало да се користи за пиење воопшто, но сепак ја собираат.

Граѓаните на Каракас ја опишуваат тешката ситуација на теренот. Теједор од квартот Сан Агустин нагласува:

"Ова е нешто што сеуште не сме го виделе. Ова е ужасно. Најтешко погодени се децата, како да им кажете дека нема повеќе вода?"

Ова не е само тешка ситуација, ова е за многумина смртоносна ситуација. The Wall Street Journal ја цитираше локалната здравствена организација, Codevida, која наведува дека најмалку 15 пациенти на дијализа умреле - "Повеќе од 10.000 луѓе се погодени ако ситуацијата продолжи".

Хозе де Виан, инженер кој работи за водоснабдување на градот, укажува дека на градот му требаат околу 20.000 литри вода во секунда од околните извори за нормално функционирање. Дури и пред прекинот на електричната енергија, оваа бројка била околу 13.000 литри во секунда, а од четвртокот - кога врз Венецуела "падна мрак" - таа бројка е сведена на нула.

Каракас е град со околу 2 милиони луѓе, а има околу 3 милиони луѓе кои живеат во зоната на метрото.

Многумина се многу загрижени дека во градот ќе почнат да шират опасни инфекции. Со недостатокот на вода, и други суштински предмети, како што е сапунот, брзо исчезнуваат.

Ако електричната мрежа не се поправи веднаш, ситуацијата во Каракас и на други места ќе биде полоша од час во час, а не само од ден на ден.

Во текот на вчерашниот ден, стотици гневни луѓе го блокираа патот во областа на Ла Чарнека во Каракас, нагласувајќи дека нема да се мрднат од место ако властите не испорачаат цистерна со 20.000 литри вода.

"Тие не убиваат - ние сме гладни и жедни", рече 52-годишниот Гладис Мартинез, кој се приклучи на демонстрациите.

Резервоарите за вода може да се видат како се движат во делови низ градот, но тие нема да издржат долго време бидејќи резервоарите за овие ситуации се веќе речиси празни.

Во северниот дел на градот, каде што Националниот парк Ел Салвадор веќе почнува, стотици луѓе со пластични шишиња и канистри собираат вода од планинските потоци.

За многу граѓани на Каракас и делови од земјата погодени од оваа криза на недостаток на вода и струја, последно нешто што им паѓа на памет е политиката. 58-годишниот Хозе Велез, кој исто така отиде да наполни вода во северниот дел на градот, вели:

"Јас не сум заинтересиран за политичарите, тие веќе ќе се договорат или ништо нема да се договорат. Јас само сакам да ми се врати мојот живот во нормала."

Ова е само изјава од еден човек, но таа е многу важна и наговестува што наскоро ќе почне  да се случува.

Претседателот Николас Мадуро вчера во својот говор до нацијата, изјави дека ова е дел од криминален план против Венецуела во оркестрацијата на САД и на опозицијата, истакнувајќи дека Венецуелската инфраструктура е погодена од сајбер-напади и саботажи. Исто така, вели дека досега уапсиле двајца осомничени за саботирање на системот. Се разбира, за ова не понуди ниту еден доказ.

Но, дури и оние кои цврсто застанаа зад Мадуро во тешки времиња, кои се во тек за неколку години, додека зборуваше на отпор кон американскиот империјализам, тешко дека ќе имаат сила сега да го направат тоа.

Пред народот на Венецуела, во една голема фундаментална операција ставен е основен избор: Николас Мадуро и Хуан Гуаидо - "темнина" или "светлина", би можело да се каже, а за многумина, "смрт" или "живот".

Ако зад ова се актерите кои ги прозива Мадуро, тогаш ова е операција без преседан со многу јасен исход. Мадуро не може да преживее ако оваа ситуација продолжи.

"Ова е демонски план за уништување на нашата земја – нашиот систем за напојување беше нападнат од фашистички, империјалистички и криминален електромагнетен напад", порача Мадуро за време на синоќешниот говор.

Но, дури и ако е во право, наскоро никој нема да може да ги слуша неговите зборови ... освен ако не се соберат под балконот на претседателската палата, а наскоро тие би можеле да се соберат за да го урнат од власт.

Секој говор на Мадуро сега може да биде негов потенцијално последен. 

"Победата ќе биде наша. Бидете сигурни во тоа, во наредните денови, ќе победиме во оваа битка. За Венецуела, за татковината, за вас", рече Мадуро, знаејќи дека во овој момент мора, колку е тоа можно да ги увери жителите дека оваа ужасна фаза, нема да трае долго.

Се разбира, опасноста е тоа што може да потрае подолго време. Според извори од теренот, ситуацијата е, таква што веднаш штом еден дел од инфраструктурата се поправи, друг крахира - се борат со речиси невозможен предизвик, особено ако зад ова стои некој вид на напад, за нив сеуште непознат.

Знае и Мадуро, дека Каракас наскоро ќе може да се претвори во сцени на хаосот и конфликт. Во говорот ги повика провладините милиции да биде подготвени - "Дојде време за активен отпор ...", рече тој.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, преку Твитер во понеделникот соопшти дека Вашингтон ги повлекува сите дипломати од Каракас во рок од 72 часа. 

Се разбира, во исто време се пренесуваат и пораките на опозицијата која тврди дека "не постои саботажа", туку дека е само резултат на "години на корупцијата, некомпетентноста и малверзации."

"Овој режим не се грижи за вашиот живот!", рече самопрогласен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо синоќа во интервју за CNN.

Не треба да се напоменува дека особено е погодена она што остана од економијата на Венецуела. Државна нафтена компанија ПДВСА потврди дека од четвртокот, кога струјата прв пат падна, не се во можност да продолжат да извезуваат нафта во примарното пристаниште Хозе. Неименувани извори од компанијата истакнуваат дека извозот на нафта е целосно запрен.

Властите во Венецуела имаат итен случај, ако воопшто е можно, да ја откријат главната причина за проблемот, како и начин за спречување на актите на саботажа, но шансите дека ќе успеат во само неколку дена се мали, особено ако тоа навистина е софистициран и долго време подготвуван напад.

А можеби навистина нема саботажи и сајбер напади, може да е само пад на целиот систем на корупција, малверзации и некомпетентност.

(vecer.mk)

8
loading...

Најчитани вести