Во последниве три децении во поранешна Југославија, откако се растури државата на 6 самостојни републики и Косово како производ на надворешна воена интервенција  видовме се: војни, етнички чистења, мрачни транзиции и подземна политика а најдобро поминаа политичките елити кои продаваа државни инетерси спротивно на вољата на своите граѓани, а како награда им беше дозволено и дозволувано деспотски да владеат и да создаваат огромни лични богатства заштитетни со странка протектура се додека вршеа работа за потребите на моќните нарачатели.

Изградија фамилијарни империи врз корупција и криминал уништувајќи национални индустрии, семејства и создаваа сопствена историја, сегашност и неизвесна иднина за своите граѓани. Дадоа се што е заедничко и во таа трговија присвоиа се за себе. Западот ги толерираше бидејќи одработуваа како што се бара од нив, се додека имаат употребна вредност. А потоа...

Мило Ѓукановиќ, поранешниот комунист и еден од најблиските соработници на Слободан Милошевиќ во време на разбивањето на Југославија е само еден, но највпечатлив пример за сето ова. Според податоци од книгата на обвинителката од Хашкиот Трибунал Карла Дел Понте Мило Ѓукановиќ одбил да сведочи против Милошевиќ затоа што тоа лошо ќе влијаело на неговата политичка кариера во Црна Гора. Ѓукановиќ не е обвинет од Дел Понте иако Црна Гора учествуваше во сите воени дејствија во Хрватска и Босна заедно со раководтсвото на Србија и Југославија.

Сите негови политички противници (Од Момир БулатовиќСветозар Маровиќ ликвидираниот уредник на весникот Дан Душко Јовановиќ, па се до денешните Небојша Медојевиќ и Милан Кнежевиќ...) се или во затвор или со закана од затвор приморани на повлекување и анонимност. Сите крупни бизниси во Црна Гора се под контрола на неговата фамилија. Италија го амнестираше од прогон и судење на шверц на цигари од меѓународни размери. Најпознати убијци од балканското поземје, после Косово, се црногорските кланови кои се под негова заштита додека се во Црна Гора, а и имаат покритие да делуваат наоколу: во Србија, Италија и секаде низ Европа. 

Дали на Мило Ѓукановиќ кој е власт во Црна Гора уште од далечната 1990 година па се до денес - му е дојден крајот. Дали по растурањето и на третата (Сојузна репубилика) Југославија и влегувањето на Црна Гора во НАТО неговата употребна вредност е потрошена.

Како и секогаш империите се растураат одвнатре, откако соработниците ќе отворат фронт со шефовите на политичките мафии. Во случајов последниот отворен фронт е помеѓу соработникот на Мило Ѓукановиќ, богатиот црногорски милионер Душко Кнежевиќ кој влезе во војна со Мило Ѓукановиќ, го обвини за меѓународен рекет и избега во Лондон. 

Досието на фамилијата Ѓукановиќ, и тоа само делумно, го отвара и белградски Блиц.

Првиот човек на "Атлас група" Душко Кнежевиќ, во последниот круг обвинувањата против Мило Ѓукановиќ изјави дека претседателот на Црна Гора има богатство поголемо од една милијарда евра, и дека позадината на конфликтот меѓу нив е борба за пари и влијание врз инвеститорите. Значи, уште еднаш во фокусот на медиумите е големото богатство на Мило Ѓукановиќ, веројатно најмистериозната приказна од Црна Гора.

Ѓукановиќ влезе во политиката, во време кога неговите родители живеел во изнајмен стан во близина на автобуската станица во Подгорица, а сега иако три децении се занимавал само со политика - неговото богатство се проценува на милијарди долари. И не само неговото. Се проценува дека стотина милиони долари имаат луѓето од семејството на Мило Ѓукановиќ на своите сметки, како неговиот брат Ацо, сестрата Ана, а финансиски проблеми нема да имаат со генерации ни потомство на Блажо Ѓукановиќ и Един Коларевиќ. Ајде да започнеме во ред, од "главата" на семејството.

Мило Ѓукановиќ

Првите информации за имотот на име на Мило Ѓукановиќ може да се најде при купување на тогашната општествена сопственост - стан во 1991 година, истата година кога стана најмладиот премиер во Европа. Станува збор за стан од 187 квадратни метри, кој подоцна Ѓукановиќ го запишал во податоците доставени до Агенцијата за борба против корупцијата.

Во тоа време Мило Ѓукановиќ е еден од најблиските соработници на Слободан Милошевиќ, тврд комунист и најактивен борец против американското и германско мешање во подготовките и реалзицијата на југословенските војни.

Сепак, во воените 1990-ти, кога започнува неговото политичкото искачување, Мило е поврзан и со друга приказна, благодарение на што го стекна првичниот капитал - шверцот со цигари.

Иако во Италија беше спроведена истрага за овој масовен шверц со цигари и најавено обвинение нема официјална пресуда со која Ѓукановиќ бил осуден за шверц бидејќи успеа да се обезбеди дипломатски имунитет од рацете на Путин и да го ослободи од случајот.

Да се потсетиме: италијанското обвинителство за борбата против мафијата спроведе истрага против него за здружеување со мафијата со цел меѓународно шверцување на цигари. Дури бил осомничен дека бил шеф на таа организација. Не е познато колку делот од заработката му припаѓал на Мило Ѓукановиќ, а италијанската полиција процени дека годишната нето заработка од шверцерот изнесувала 450 милиони евра. Својот дел од парите од шверцот на цигари, според спомнатиот негов соработник кој сега е во бегтсво - Душко Кнежевиќ, Мило Ѓукановиќ го чувал во швајцарските банки на име на сметки кои се водат на неговите соработници Душко Бан и Жељко Михаиловиќ.

Мило е исто така сопственик на "Капитал инвест", фирма која ја отворил за време на една од кратките паузи на политичката сцена кога тој не бил на висока политичка позиција. Преку оваа фирма во 2007 година ги купил акциите на "Прва банка", чиј мнозински акционер е неговиот брат Ацо Ѓукановиќ. Тој ги купил акциите по многу пониска цена од онаа по која подоцна ги продадал во истата година во 2013 година при што само од оваа една трансакција заработил над 1 милион евра. 

Инаку тоа е технологија која е видена и во Македонија. Имено, фирмата на Мило Ѓукаоновиќ Капитал инвест подигнала кредит од еден ипол милион евра од Прва банка, со тие пари евтино купила акции кои веднаш потоа ги продава и заработува милион евра. Го враќа кредитот од заработката и останува со милион ипол евра на своја сметка.

Исто така, Мило Ѓукановиќ е сопственик и на "Глобал Монтенегро", а неодамна јавноста дозна дека во 2006 година тој отворили друга  фирма, оф-шор компанијата "Вагор инвестиции" во Кипар, чие постоење не било пријавено до надлежните органи на Црна Гора. Ѓукановиќ подоцна призна дека фирмата на Кипар ја основал претходно, тврдејќи дека преку неа не е направено никакво работење и дека нема промет. Од друга страна, Душко Кнежевиќ тврди дека компанијата е основана со цел официјално да стане ко-сопственик на болницата во Мељин со површина од 50.000 квадратни метри.

Едно од најновите истражувања за богатството на "првата црногорска фамилија" беше објавено во 2018-та од страна на Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ICIJ) од Вашингтон. Според нивните податоци, Мило е многу посиромашен од износот што го открива Кнежевиќ - има само 14,7 милиони евра.

Постариот брат, Ацо Ќукановиќ, според овие податоци е многу побогат и поседува 167 милиони долари, додека нивната сестра Ана има само 3,5 милиони долари. Мешутоа, ова истражување своите проценки ги темели само на имотот и парите регистрирани во јавните регистри во Црна Гора. За имотот и парите на фамилијата Ѓукановиќ во странство, тајните банкарски сметки, сопственост регистрирана на име на некој друг... во ова истражување нема податоци. Инаку, фамилијата Ѓукановиќ ги отфрли и овие “скромни“ податоци за нивното богатство велејќи дека е тоа "пукање во ветер".

Ако се погледне имотот наведен во податоците за Мило Ѓукановиќ кои се објавени во пресрет на претседателските избори 2018 во Црна Гора Мило е уште посиромашен. Таму се тврди дека премиерот аработуваа само 1.500 евра месечно и тоа како советник за економски и финансиски проекти во сопствните компании како "Капитал инвест", додека неговата сопруга Лидија Ѓукановиќ (моминско Kуч) е советник за човечки ресурси во една компанија со плата од 867, 67 евра.

Така Мило Ѓукановиќ е ем премиер, ем претседател, ем советник за пари во сопствените фирми.

Во истиот документ, кон недижностите купени уште во 1991 година, наведено е дека Мило Ѓукановиќ во 2013 година купил две пасишта во општина Никшиќ, истата година на истото место купил и ливада и, покрај тоа се споменува дека поседува "урнатини на различни објекти, еден од 30 и еден од 40 квадрати“. Имот соодветен за успешен претставник на црногорската работничка класа.

"Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ е дел од мафијашкиот октопод кој се занимава со сериозни криминални активности и е одговорен за смртта на голем број луѓе. Дел од овој октопод е Фахрудин Радончиќ и Насер Келменди, и јас сум сведок на многу работи и решив јавно да зборувам за тоа. "

На овој начин, Армин Чибра, поранешен специјалец на МВР БиХ, возач и придружник на Фахрудин Радончиќ, го започнува своето признание за порталот Борба. Тој тврди дека Ѓукановиќ и Радончиќ се деловни партнери, поточно "мафијаши кои се занимаваат со сериозен криминал, дрога и убиства на луѓе кои се наоѓаат на пат".

Тогашниот црногорски премиер Мило Ѓукановиќ за првпат зборуваше за обвинувањата на црногорскиот претприемач Ратко Кнежевиќ дека управува со тутунска мафија и дека според неговата наредба е убиен сопственикот на хрватскиот портал Национал Иво Пуканиќ кој пишувал за таа тема.
- "Тоа го зборуваат луѓе на кои не може да им се верува, велеше Ѓукановиќ. Ја препознав амбицијата на Кнежевиќ и Пуканиќ да нацртаат мета на мојата глава како во случајот со Ѓинѓиќ.“
Тој силно негира дека постои тутунска мафија во Црна Гора. "Ова е редовна транзитна операција во согласност со регулативите под надзор на Европската унија. Секој процент од таа трговија заврши во државната каса ", изјави Мило Ѓукановиќ во интервју за ТВ Нова.

Ацо Ѓукановиќ

Александар Ацо Ѓукановиќ, како и Мило влегол во политички води за време на неговите младешки денови, кои брзо ги напуштил и влегол во бизнисот. Тој се занимава бизниси и денес, иако никој не знае што точно работи и колку заработува. Според зборовите на Мило, кариерата на неговиот брат Ацо започнала во деновите кога бил студент, кога ја регистрирал својата прва приватна фирма, но постарите Ацо Ѓукановиќ кажува поинаква верзија: "Јас почнав да работам и заработувам копајќи канали и истоварајќи вагони, а кога почна да ме боли грбот од таа работа почнав и да размислувам што понатаму.“  

Според бројките објавени од спомнатото истражување на новинарите од ICIJ, неговото богатство, и тоа само она кое е регистрирано во Црна Гора, денес се проценува на 167 милиони долари. Ацо Ѓукановиќ во Црна Гора официјално се занимава со изведување на градежни работи, има голем број на бизниси, мнозински сопственик е на "Прва банка", банка со најбрз раст во земјата во време на економска криза кога владата на Црна Гора предводена од неговиот брат Мило Ѓукановиќ на оваа банка и одобрува државен кредит од 44 милиони евра.

Блажо Ѓукановиќ

Најмладиот Ѓукановиќ, син на таткото Мило Ѓукаоновиќ, исто така е во бизнисот. Сопственикот е на компанијата "хидро ББ" и "ББ сончевата енергија". Работи на изведба на проект за хидроелектрани на водотеците Бистрица и Слатина. Одлуката за доделување концесија на овие фирми за хидроцентралите Бистрица на младиот Блажо Ѓукановиќ е потпишана во 2016 година од страна на неговиот татко, Мило Ѓукановиќ, тогашниот премиер.

Интересно е тоа што речиси сите имоти во сопственост на младиот Блажо Ѓукановиќ односно на неговите фирми како ББ Солар се под банкарска хипотека за кредити добиени преку кој ако не преку “семејната“ Прва Банка од Подгорица и партнерската Хипотекарна банка.

Деловниот простор во Подгорица со површина од 459 квадратни метри, плус 412 квадратни метри на првиот кат, кој пред 11 години Блажо го добил како подарок од неговиот вујко Ацо Ѓукановиќ за кој наплаќа кирија од 11.000 евра месечно, го ставил под хипотека кај Хипотекарна банка за заем од милион ипол евра наменети за компанијата "ББ хидро", за изградба на мини хидроцентрали во Колашин.

Блажо Ѓукановиќ, исто така има стан на ски центарот Жабљак од 124 квадратни метри, гаража од 17 квадратни метри, а на негово име се води и една мансарда од 75 квадратни метри. И овој стан е под хипотека кај Хипотекарна банка, од каде што за наведениот имот добил дури 660.000 евра.

На 25 јуни 2018 година, синот Блажо Ѓукановиќ ја презеде од својот татко сопственоста и менаџментот на Капитал Инвест, откако Мило беше избран за шеф на државата. Истиот ден тој се запиша во Централниот регистар на деловни субјекти и како ко-основач на компанијата Кодио, со 40% од акционерскиот капитал. Тоа е компанија чија основна дејност е информатичка технологија.

Ана Коларевиќ

Адвокатката Ана Коларевиќ е сестра Мило и Ацо Ѓукановиќ. Според приходите за професијата адвокат таа е екстремно богата, според истражувањето на ICIJ има богатство од 3,5 милиони долари. Исто така, во извештајот се наведува дека поседува четири станови во Подгорица, а списанието Моник во 2017-та објави дека има недвижности и во Белград.

Интересно е тоа што нејзиното име се споменува во скандалот со "државите од т.н. даночен рај за хартии од вредност“, кој одекна во 2017 година, за меѓународно перење пари и даночно затајување низ оф-шор услуги и бизнис регистри на моќни луѓе од целиот свет. Според дел од тие документи Ана Ѓукановиќ (Коларевиќ) и нејзиниот партнер Радомир Вукчевиќ основале две офшор компании во Малта ( "Ranin Ltd" и "Ruukki International Ltd") кои се поврзани со рударството и обработка на минерали, а кои пак понатаму се во врска со компанијата "Никел Србија" заинтересирана за инвестирање во истражување и експлоатација на руди на никел во областа на Топола во Србија

Инаку, Ана Коларевиќ во 2010 година е прогласена за најдобар адвокат во Црна Гора, по избор на магазинот "World fajnens".

Един Коларевиќ

Един Коларевиќ, внук на Мило Ѓукановиќ, е сопственик на неколку компании. Во јануари оваа година, црногорските медиуми објавија податоци од Централниот регистар на деловни субјекти (CRPS) кој потврдува дека Един Коларевиќ стои зад проектот кој крена многу медиумска прашина во Црна Гора.

Се работи за хотел со пет ѕвездички "Allure Palazzi" во луксузниот комплекс Доброта. Коларевиќ е извршен директор на фирмата Хотел Фасилити, во која е сопственик затоа што фирмата е основана од неговата друга компанија Serzman incorporated.

Неговиот хотел се наоѓа на приватна плажа, има мини-пристаниште за јахти и 89 соби, десет вили со приватен пристап до плажа и три пентхаус апартмани. Во изградба на хотелот се инвестирани 20 милиони евра.

Во јавноста беше објавено дека поседува фирма во Лондон MNE prin­ci­pal li­mi­ted и стан во Петровац од 76 квадратни метри, а исто дека Един Коларевиќ е во управниот одбор на ракометниот клуб "Будуќност". Овој млад човек, син на сестарата на Мило - на Ане Коларевиќ е школуван во странство, а на сајтот на агенцијата за недвижнини во Њујорк стои дека во април 2006 година купил стан во Њујорк за 877.500 долари.

Досието на комунистичката фамилија Ѓукановиќ адаптирана на новосоздадените балкански политички и бизнис услови е секако далеку поголемо од овој текст. Ова се само мали инсерти. Тоа е досие на пост југословенската политика од 1991 до денес во која политиката е трговија, во која власт не се бара од својот граѓанин туку од амбасадори, во која ограничувањатата не е во законите туку во добрата воља на амбасадорите да ве поддржат во корпцијата и криминалот додека вие ги поддржувате нивните проекти. Да дадете се што е заедничко, и наплатите за тоа создавајќи свое богатство.

Додека транзицијата трае политичарите ќе ги гледате на говорница со празни флоскули за демократијата која доаѓа со нив, а нивните жени, деца, сестри... на скапите плажи на Бали, скијање на алпите или шошинг тури во Дубаи со пари заработени од фирмите на нивните фамилии додека босовите на фамилијата се во власта. А потоа, потоа втор круг.

(Вечер.мк)

5

Најчитани вести