Eпидемиологот Драган Даниловски се плаши дека претстојните слави ќе донесат епидемиолошки ризици.

Даниловски вели  дека народот кај нас во просек исто како и во други земји има менталитет со отсуство на емпатија, сочувство и совест.

„Се плашам дека тоа што следуваат славите ќе донесе нови ризици. Апелирам тие чествувања да бидат со високо ниво на свест“, рече Даниловски   во Студио 10 на Тв 24 и потсети дека и црковните власти повикаа во црква да се влегува со маска.

Објасни дека оваа пандемија ги исфрли на површина сите недостатоци и наведе дека кафулињата се полни иако се апелира да нема групирања.

Според него, не смее да се дозволи пренатрупување на болничките капацитети за да не се компромитира квалитетот на здравствената грижа на ковид пациентите, а државата има обврска во услови на пандемија да обезбеди услуги и за пациенти кои се заболени и од други услови и под исти услови во државното и приватното здравство.

– Она што е најбитно за ова е што стагнира бројот на хоспитализираните. Тоа значи дека нема закана од претрупуање на здравствениот систем. Но, тоа треба да се види. Позитивно е тоа дека од 22 ноември опаѓа бројот на заразени и на хоспитализирани. 846 умрени на 1 милиони жители е денешната бројка, но тој просек ќе се одржува сигурно до крајот на декември. Се прашуваме дали можеме нешто дополнително да сториме за тој број да се намали, и на позитивни, и на починати. Со ваков просек на хоспитализирани и позитивни прашање на време е кога тоа ќе се претрупа –  рече Даниловски.