Од денес Општина Центар започнува со имплементирање на новите сообраќајни решенија на повеќе локации во општината.

Во тек е изведбата на три издигнати пешачки платоа за смирување на сообраќајот кој се одвива во зона на детските градинки и општинските основни училишта.

Трите издигнати пешачки платоа се изведуваат на улиците „Никола Тримпаре“, „Апостол Гусларот“ и улицата „9 Мај“, во непосредна близина на општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, матичниот објект на градинката „13 Ноември“ и клонот Наум Наумовски Борче на градинката „Кочо Рацин“.

Покрај овие три, дополнително ќе бидат изведени уште шест пешачки платоа, со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците и на децата кои престојуваат во градинките и посетуваат настава во основните училишта.

Изведбата на пешачките платоа ќе биде готова до крајот на оваа година, а поради градежните зафати ќе се изврши и времена измена на сообраќајот.

„Апелираме до граѓаните за трпение и разбирање во период додека траат градежните работи, со цел ефикасност на изведбата и поскоро пуштање во употреба на издигнатите пешачки платоа“, велат од Општина Центар.

Покрај ова, Општина Центар најави и ново сообраќајно решение за делот околу трговскиот центар Буњаковец. Поради оштетувањата на знаците, после 10 години, во реонот на ТЦ Буњаковец ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

„Со поставувањето на новиот сообраќаен режим, ќе се олесни движењето на сите учесници во сообраќајот во овој дел од Центар, ќе се подобри ориентацијата и ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите и корисниците на алтернативните видови на сообраќај“, се наведува во соопштението.

извор: Makfax