Денеска беше презентиран третиот повик за предлог-проекти за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. На онлајн-настанот зборуваа амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир и Луиџи Сорека, амбасадор на Европската Унија во Албанија.

Тие официјално го претставија третиот повик за предлог-проекти за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.

Можностите за финансирање на проекти во рамките на овој повик ги презентираа министерот за локална самоуправа Горан Милевски и Реди Леши, директор на оперативна структура за ИПА на Албанија.

„За овој јавен повик се обезбедени 4.930.000 евра од ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија, за проекти во двете земји. Задоволен сум што трите страни, македонската, албанската и Делегацијата на ЕУ, успеавме навреме да го организираме повикот од Програмата за прекугранична соработка со Албанија, чијашто имплементација ја координира Министерството за локална самоуправа. Информациите за повикот веќе се достапни на веб-страниците на Министерството за локална самоуправа и на Делегацијата на Европската Унија, а ќе може да се аплицира до 15 февруари, 2021 година“, рече Милевски.

Тој појасни дека одобрените проекти коишто ќе се имплементираат на територијата на нашата држава ќе ги кофинанисира Министерството за локална самоуправа, во висина од 15 насто од признаените трошоци. Ова е можност општините, граѓанските организации, бизнис-асоцијации, универзитети, училишта, јавните установи и институции од двете соседни земји преку соработка да одговорат на потребите на граѓаните од овој пограничен регион.

Проектите од овој јавен повик треба да се однесуваат на развојот на туризмот, заштитата на културното и природното богатство, поттикнување на конкурентноста, бизниси, трговија и инвестиции, како и заштита на животната средина, ублажување на последиците од климатските промени како и превенција и управување со кризи.

извор: Makfax