Извештаите во кои се тврди дека командант на Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) е убиен во западен Ирак при напад со беспилотно летало, се најверојатно невистинити, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатиб Заде, пренесува „Спутник“.

„Очигледно, ова не е точно, но претставник на Генералштабот на иранските вооружени сили треба да зборува за ова прашање. Сепак, не слушнавме никакви веродостојни информации за ова прашање“, рече Заде на брифинг со новинарите.

Новинската агенција „Тасним“ претходно цитираше информирани извори кои ги негираа  извештаите дека во воздушен напад со беспилотно летало бил убиен командант на ИРГЦ во западен Ирак на границата со Сирија.

„Ал Арабија“, повикувајќи се на ирачки извори, објави во понеделникот дека автомобилот на Муслиман Шахдан бил таргетиран во неделата вечерта откако го поминал контролниот пункт Ал Каим во ирачката провинција Ал Анбар. Во нападот со беспилотно летало, наводно, загинале и три лица кои го придружувале командантот на ИРГЦ.

Иранските медиуми цитираа свои извори велејќи дека ваквите информации се шират по неодамнешниот атентат врз иранскиот нуклеарен физичар Мухсин Фахризаде за да се влијае врз јавното мислење во Иран.

Фахризаде, шефот на центарот за иновации на иранското Министерство за одбрана, беше убиен во петокот во напад во близина на северниот ирански град Абсард, наводно од далечински управуван митралез, откако го напуштил својот блиндиран автомобил.

Атентатот се случи два дена пред 10-годишнината од смртта на друг ирански нуклеарен физичар, Маџид Шахријари. Техеран рече дека има знаци за вмешаност на Израел.

 

извор: Makfax