Македонија, како што потврдуваат за МИА повеќе високи дипломати од земјите членки на Европаката унија (ЕУ), речиси сигурно ќе биде блокирана од Бугарија на следниот министерски совет на Унијата, на кој требаше конечно да биде усвоена преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа денеска да ги разгледуваат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи.

Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија поради ветото на Софија за Скопје, датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ, јави МИА од Брисел.

-Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Македонија оваа година поради ветото на Бугарија, изјавил за МИА дипломат од западна земја членка на ЕУ.

Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.

За Албанија ситуацијата е нејасна, велат од Советот, поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови. Сепак одреден број земји членки сметаат дека треба „посилна одлука за Албанија“, но неизвесно е дали Тирана сепак ќе добие почеток на преговорите оваа година, велат дипломатите.