Фото: „Мајка Југославија“, Славко Пенгов (1947)

Бурлеска изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев за тоа како Југославија „ги разделила и оддалечила Бугарите и Македонците“ треба да се гледа како колаж на грозоморни и испреплетени трендови, типични за пост-југословенските политичари, кои најчесто ги карактеризира гибтокот на државничка и дипломатска самопочит, но и несоодветно промовирање на историскиот ревизионизам.

„Југославија е мртва!“, е крикот кој хорски оденкнува од устатта на сите наши етно-националисти и државници во последниве неколку децении. Од друга страна, словенечкиот етнолог Божидар Језерник сликовито потсетува на латинската изрека: De mortuis nil nisi bonum (За мртвите сè најдобро…) и го поставува прашањето: „Ако Југославија е навистина мртва, зошто на многумина и денес сè уште толку им пречи?“ Хм.

За македонскиот премиер, сепак, не е спорнна анексијата на Вардарска Македонија, извршена од тогашното Кралство Бугарија (и под покровителство на нацистичка Германија), што не беше само „некоја администрација (…) на почетокот“, туку класична узурпација и окупација на територијата на соседната земја, која траеше до септември 1944 година. За Заев, се разбира, е спорна Југославија (!) чие Антифашистичко собрание на народното ослободување во ноември 1943 година заклучи дека Македонците се самостоен и суверен народ, а Македонија рамноправна република во рамките на новата Југославија.

Истата Југославија, по крајот на Втората светска војна, услови нормализирање на односите со Бугарија: 1) признавање на македонската анционална посебност од Народна Република Бугарија; 2) пренесување на посмртните останки на Гоце Делчев од Софија во Скопје, чие свечно церемонијално пренесување се случи во октомври 1946 година. (fun fact: Делчев е една од најважните фигури во историјата на Северна Македонија, кој се споменува (дури) и во текстот на македонската државна химна). Бугарија на крајот го призна постоењето на македонската нација и овозможи изучување на македонскиот јазик во Пиринска Македонија (југозападна Бугарија), а  истата година, на тамошниот попис, над 150 000 луѓе се изјаснија како национални Македонци.

Летото 1947 година на Блед дојде до потпишување на неколку билатерални (познати во историографијата како Бледски споразум), во рамките на кои беше предвидено формирање на царинска унија помеѓу Југославија и Бугарија. По тој повод, Југославија официјално изјави дека се откажува од 25 милиони долари, кои Бугарија беше должна да и ги исплати на сметка за воената компензација. Југославија, сепак, побара на Македонците во Бугарија да им се даде право на национална, економска и културна автономија, со крајна цел Пирин Македонија во иднина да се приклучи на новата македонска република.

Сепак, по ескалацијата на дипломатскиот конфликт меѓу Југославија и СССР и објавувањето на Резолуцијата на Информбирото (1948), официјална Бугарија го отфрли концептот на македонска културна автономија и забрани употреба на македонски јазик во училиштата во Пиринска Македонија. Од тоа време започна процесот на негирање и омаловажување на македонскиот национален идентитет, а веќе во 1958 година Бугарската комунистичка партија зазеде официјален став дека македонскиот народ и македонскиот јазик не постојат.

Во меѓувреме, во рамките на Југославија, Социјалистичка Република Македонија воспостави модерни државни органи за прв пат во историјата. Основан беше Македонскиот народен театар (1945), потоа се формираа универзитетите во Скопје (1949) и Битола (1979), Македонската академија на науките и уметностите (1967), а македонскиот народ со Уставот на СФРЈ од 1974 година доби конституционално право на самоопределување, кое на крајот се искористи во септември 1991 година, кога конечно (Северна) Македонија стана независна држава.

Излегува дека Македонците единствено може да бидат само Македонци… и дека Македонија (без никакви придавки и привилегии) ​​навистина може да биде Македонија… само во прегратките на таа мртва (?) и сирота кралица. Затоа е потребно, на крајот, да се парафразира насловот на оваа колумна: ова беа всушност само неколку факти за Македонците и нивната Југославија.

Авторот е асистент на Катедрата за политичка историја на Хуманистички науки (УДГ) во Подгорица.

Извор: Pescanik.net