Александар Кирацовски во интервју за „Фокус“ вели дека поради влијателни моќници на кои им пречела неговата работа и лажните вести, бил приниден сам да си даде оставка како генерален секретар на СДСМ по претседателските избори минатата година.

- Иако бев свесен дека преземањето на одговорноста за решавање на крупни кадровски прашања и стотици судбини може на одреден рок да биде погубна за мене, сепак го прифатив предизвикот и не жалам за тоа. Помогнав на многу луѓе и стекнав многу пријатели, но и непријатели – немоќни ликови, на моќни позиции кои бескрупулозно и без пардон ми нанесуваа штета и мене и на партијата.

Токму затоа, согледувајќи дека моето опстојување на таа функција кон мене и кон моето семејство станува нефер и неоправдано, егзистирајќи во период кога лажните вести на кои им бев таргет изнесуваа 75 проценти од медиумскиот етер, се решив на пауза, без да инсистирам на никаква друга функција, вели Кирацовски на едно од прашањата.

Поранешниот пратеник на СДСМ вели дека оваа партиска функција била неговиот најголем предизвик во политичката кариера.

- Неповторливиот период во кој ја прифатив функцијата генерален секретар беше и најизискувачки од страна на членството, кое после 11 години ја доби шансата за еднаков третман пред институциите. Да бидеш крвоток во „запушени институционални вени“ беше доста тешка улога, но драго ми е што оставив широк и чист пат нагазувајќи го снегот, вели битолскиот доктор.