Вас ве повреди (и здоболе) само затоа што ја чепна Југославија. Нас не' повреди кога ни ја чепна Македонија.  Југославија ја спомна последниве месец дена. Македонија ја распарчи последниве скоро 4 години. Четири години уста не отворивте. Се огласивте последниве месец дена, реагира на Фејсбук Антигона Браздова.

- Преспанскиот го сметавте за добар договор, иако не е ништо поразличен од Бугарскиот за нас (најголемиот дел од) Македонците и за Република Македонија во поглед на нејзиното разнебитување. Вие му ставивте знак "<". Ние знак "=". Затоа што национално предавство е национално предавство. Патем, од Грција уште не сме ни виделе што не' чека. Еве, и со сменето име, пак ви ставаат печат на бел лист кога влегувате во Грција, нели? А, и да почнат преговорите, во секое време, било која членка, може да стави вето. Читнете си нешто повеќе околу начинот на функционирање на ЕУ,  вели  Браздова.

Таа потенцира дека Македонија не е само Југославија, односно како што рече, Македонија постои и во антиката (пошто гледам не ви пречат плочките на спомениците, секогаш Грција е пофенси од Бугарија, нели?).

„Македонија е и дејноста на Климент и Наум и глаголицата и Охридската книжевна школа.

Македонија е и цар Самуил и битката на Беласица.

Македонија се и востанијата од XI до XX век.

Македонија е и таа што била под Османлиско ропство 5 века и отпорот против истото (колку и да ви изгледа мал и незначаен).

Македонија е и Охридската архиепископија.

Македонија е и Македонската Револуционерна Организација

И Илинденското востание. И Гоце Делчев. И Даме Груев и Сандански и многу други револуционери, нивни соборци.

Македонија е и таа што ја парчосуваат после двете Балкански и Првата светска војна (Лондонски договор, Букурешки договор, Версајски договор).

Македонија се и илјадниците нејзини партизани загинати во НОБ (ова за да не' ве уверуваат дека некој на тацна ни подарил држава, туку дека заеднички со сојузниците Македонците се бореле за слобода и самостојност).

Македонија е и АСНОМ и македонскиот јазик и „Изгреј зора на слободата“ и Ченто.

Македонија е и дел од СФРЈ како рамноправна држава.

Македонија е и самостојната држава од 1991 година, сардисана од грчко ембарго, бегалци од војни, и внатрешни конфликти кои завршуваат со терористи седнати во власта, кои и денес преговараат за МАКЕДОНСКИТЕ национални интереси.

Македонија се и Егејците, протерани од нивните родни огништа во Грција. И оние убиените и изгорените со напалм бомби чии коски останаа на Грамос...

Македонија се и Пиринците, угнетувани и непризнаени до денешен ден од страна на Бугарија, исто како и Егејците во Грција.

Македонија е и Мисирковата „За македонцките работи“. И Зборникот на Миладиновци. И Вапцаров, и Чернодрински и Рацин, и Пејчиновиќ, и Крчовски и Прличев. И уште стотици други кои прогонувани од окупаторите на Македонија твореле во туѓина или бивале мачени и убиени во затворите на окупаторот.

Македонија е пишувана и градена со крв векови и векови наназад.

И секој дел од таа историја нам ни е важен. И не сакаме да се избрише или продаде. Не само делот со Југославија.

Затоа, секој ваш обид сега да реагирате, не е ништо повеќе туку обид да го тргнете сопствениот срам заради тоа што го храневте и одржувавте чудовиштето кое сега ја распродава Македонија.

Под нас и вас, не мислам на поделба на бањати и небањати. Мислам на Македонците кои си ја знаат историјата. Мислам на Македонците кои не се продаваат за работно место. Кои не виткаат кичма. Кои не затвораат очи на неправди, макар тие ги чинел и нивен најблизок член. Мислам на Македонците кои знаат дека се Македонци генерации наназад и им се гади од секој што гази по нив.

Затоа, секогаш ќе бидеме поделени на НИЕ и ВИЕ. Не сме исти. Никогаш не сме ни биле“ пишува Браздова на ФБ

Вас ве повреди (и здоболе) само затоа што ја чепна Југославија. Нас не' повреди кога ни ја чепна...

Posted by Antigona Brazdova on Четврток, 26 ноември 2020