Образуван сум како Албанец на македонски јазик. Барем во темелите на писменоста стојат Кирил и Методиј со своето писмо. Тоа беше систем во кој образованиоето имаше клише од кое нема одстапување, па дури и по цена на морални и сериозни институционални казни.

Од Вардара до Триглава јунаците на минатото беа дефинирани како што амбиентот бараше. Многу не македонци кои беа во тој образовен систем и кои беа инкорпорирани во општите историолошки сознанија, создадоа слика која денес е сосема поинаква.

 Не е проблемот во тоа што немакедонците ( етнос) доживеаа многу сериозни трансформации во својата визија за историјата, туку и огромен дел од самите етнички македонци. Која историја сме ја изучувале? Онаа што била потребна! Онаа што во дадениот временско општествен циклус била единствено корпоративна за градење  ‘‘федерација на сложни републики‘‘ со артифициелна историја која е е нашминкана.

 За неупатените млади генерации Тито беше фактор кој да не беше, моштите на Гоце Делчев можеби и немаше денес да почиваат во црквата Св Спас среде Скопје. Зошто мислиме дека на бугарите у тоа време им било ‘‘фуфка‘‘ од македонците па ги дале моштите?! Само ајван може да мисли така. ‘‘Ма, тито болан‘‘,.. јебо те он! Регионалната политика била у друг филм бре луѓе!

 Факт е дека Македонија во рамките на Југославија беше запоставувана како фактор, ама неоспорен факт е и дека беше мезимче ‘‘ заштитено како фетус‘‘ безбедносно, културолошки и со својот идентитет барабар со јазикот и сите нишани. 

Времето со сите искушенија ја донесе Македонија на гола ледина сама со себе и борбата за својата идентификација во светот на распачени држави секоја со свој ‘‘минат труд‘‘. Со фигуративно речено ‘‘отварањето на историолошкото чекмеџе‘‘ и архивите, со демократизацијата на експонирање артефакти, ситуацијата се разбурка како Охридсконо езеро кај Св. Заум попладне! Секој со своите адути олицетворени во архивирани документи, сведоштва и преданија.

Јас не ја давам Македонија, во смисла не давам на мојата држава да и се случува Армагедон во делот на кршење сништа за градење држава со здрави темели од минатото. Но! Се размислувам дали можеби плаќаме данок на сопствената проклетија на неединство кое не следи токму уште од времето на Гоце Делчев.

Што сакам да кажам?
Во ситуација на биполарен амбиент на државата ‘‘ секој со своите херои‘‘ меѓу македонците и албанците, овие првите покажуваат неверојатна слабост да се создаде едно кохерентно ткиво на бедем за одбрана на каузалните прашања. Нека не ми забележуваат ‘‘ македонците‘‘, јас не ги критикувам и не се подсмевам како Албанец. Спремен сум како Албанец да се вклучам во битката за ‘‘ одбрана‘‘ на државните интереси рамо до рамо со сограѓаните Македонци. НО! А бе, бива ли да сте толку не единствени! Да не набројувам што се игубивте низ времето токму поради тоа не единство! Повторувам, не е подсмев, туку конструктивна критика.

 Каква држава е Македонија ( за мене никогаш Северна)? Во каков амбиент живее? Ако сите ние сме една демографска целина која гради општество за сите, тогаш СИТЕ треба да се борат за таа внатредржавна добросостојба на план на ‘‘да се сите среќни и задоволни‘‘. Е, не можело така оти адетот бил секој ‘‘ да плаче на својот гроб‘‘.

 Во колумнава поентата не е Гоце Делчев. Поентата е сосема десетта! Градењето современо општество за сите граѓани подразбира единство на сите елементи кои го градат општеството. Денес е прашањето на Гоце, утре ќе биде сосема нешто друго. Дали грешам ако речам дека државата трпи не поправлива штета за која е дебел кабает менталитетот на ‘‘ не е тоа мој личен проблем‘‘! Не може така.

 Секоја една абразија на стабилноста на државниот тотем е директна абразија на сегашноста и иднината на секој граѓанин на Македонија. Дали е илузија да помислиме дека во иднина се што е директен атак на државноста и секојдневието во кое ни е потребно единство и благосостојба, ќе биде и понатаму ‘‘ ма баш ме заболе за македонските, шиптарските или било чии проблеми‘‘?

 Не е! Тоа е стварноста! Се додека амбиентот е ‘‘ секој плаче врз својот гроб‘‘ , ќе се претвори оваа држава во ‘‘гробишта на сопствени гробови‘‘. А, ако шареноликоста на демосот ( по основа на етнос) е голема, што градиме?! Држава!? Не! Маузолеј на будали кои не знаат да направат здраво, кохерентно општество на 21-век!

А такви држави се градат само по принципот ‘‘ сите за еден, еден за сите‘‘!

Ние сме еден за сите ‘‘ а сите за никаде‘‘! 
‘‘ Од првог до задњег, брачо и сестре‘‘.

Агим Јонуз
 

Најчитани вести