Овие преубави стихови за Скопје се напишани од поетот Васил Икономов во времето пред скопскиот земјотрес. Тој во тие години беше идол, што се однесува до урбаните мотиви и урбаната скопска поезија. Таквата поезија ретко се пишуваше, и Икономов ни дејствуваше необично, привлечно.

Неговата поезија можеби ги немаше вредносните валери на поезијата на третата генерација поети што доаѓаа во македонската литература, но нам ни беше толку многу драга, како слика од девојка што ја чувавме под перница додека спиевме. Годинава се навршуваат 75 од неговото раѓање (1945 – 2020), почина млад, на 46 години. Во тие години во Скопје вриеше како во кошница, Скопје беше мека на културата и уметноста. Во тие рани тинејџерски години пред земјотресот, кејот беше нашето романтично место и гнездо на љубовта.

Тука се разменуваа првите срамежливи погледи, првите нежни стисоци на рацете, првиот бакнеж под некое темно пооддалечено костеново стебло. Или, како што напишал еден познат писател, „голема возбуда ми претставуваше да го бакнам нејзиното мало прсте, а ако случајно ѝ го допрев фустанот, не можев да ја пронајдам вратата за да излезам“.

Времињата се менуваат, но таа возбуда секогаш останува иста. Кејот беше раскошен, преполн со зеленило, со прекрасни стебла од липи и костени. Денес е останат само дел од истите тие липи, а костените веќе одамна ги нема. Тогаш немаше ниту кафеани ниту кафулиња, само едноставни клупи околу кои се собираа групи од момчиња и девојки.

Во вечерните часови – вистински рај на ноќното Скопје. Кејот беше и дел од скопското корзо, само за младите, поврзано со плоштадот. Доаѓаа главно гимназијалците од Машката гимназија, каде што денес е МАНУ, од Женската гимназија, која се наоѓаше на просторот кај денешниот објект на Владата, а претходно и од Четвртата машка гимназија, на местото на трговскиот центар. Сиот тој рајски простор почнуваше со редица од дуќани, кои се наоѓаа на тротоарот од улицата.

Опиени од младоста и љубовта, воопшто и не забележувавме дека тука има улица, а, за волја на вистината, тогаш и немаше многу сообраќај. А самата таа улица функционално се вклопуваше во сиот тој простор. Режисерот Димитрие Османли има снимено извонредно интересен документарен филм за тоа како кејот и Скопје се будат едно утро во годините пред земјотресот. Тоа е неповторлив документ за тоа скопско време. Во филмот, низ улицата поминува двокатен автобус, потоа автомобил од марката „олимпија“, се слуша ѕунењето на стаклените шишиња од млеко на разнесувачот, кој застанува со количката пред продавниците.

Со Васил Икономов нѐ поврзуваат генерациско почитување и заедничкото јавување во современата македонска литературата, иако тој беше некоја година постар од нас. Во основното училиште беше во погорните класови, а во гимназијата исто така. Но гимназијата посебно нѐ зближи, бидејќи во неа дејствуваше една од најсилните литературни дружини во тоа време пред земјотресот.

Таа издаваше и свое списание „Бранувања“, кое, иако гимназиско, беше познато во пошироката културна јавност. Членуваа Васил Икономов, Драган Јаневски, Васил Пујовски, како и оние што беа посветени на прозата, Чедо Цветановски, подоцна познат преведувач од руски јазик, Тодор Тодоров, кој стана професор на Економскиот факултет во Скопје, како и повеќе млади поети и поетеси што тогаш доаѓаа во литературата.

Васил Икономов пишуваше стихови што одеа против струјата, со својот нагласено урбан сензибилитет и мотивско-тематска ориентација. Тогаш во македонската поезија главно доминираа руралните мотиви, мотиви на поднебјето и југот, и таа тогаш беше најмоќна и творечки најсилна. Сепак, кај Икономов нѐ привлекуваше таа негова урбана особеност, сензибилитетот што беше препознатлив за чувствувањето и видувањето на градот.

Тој на чудесен начин умееше да го опее она што е тука, покрај нас, иако имаше и стихови со една поинаква, метафоричка димензија: („Вечерва ќе бијат камбаните на моето срце“). По земјотресот, заедно со една група македонски писатели, тој стана еден од основачите и уредник на познатото издавачко претпријатие „Мисла“ од Скопје.
Една од неговите најпознати песни е „Ако го сакаш Скопје, дојди, ќе те чекам на кејот“. Во неа се испреплетуваат љубовта кон саканата и љубовта кон градот, со една младешка свежина на стиховите, со луцидни пресврти, едноставност и чистота на пеењето. „Ако го сакаш Скопје“, вели поетот, „земи неколку пожолтени есенски лисја од некоја негова улица. Исцицај им ја сета љубов што ја имаат, а потоа в магловито утро скамени ја и од неа направи камени цветови… Ако го сакаш кејот појди, ќе сретнеш девојка – росата ѝ ги расплакала очите.

Подари ѝ го извајаниот цвет од утробата… Ако го сакаш Скопје, јас вејка ќе те наречам и ќе те одведам во паркот, да крадеме сѐ уште неродени хризантеми“. Ова се само делови од истоимената песна.

Кога зборуваме за „нашиот кеј“, под тој топоним го сметаме главно просторот од Камени мост до Нов мост, кај денешен „Холидеј-ин“, или малку подолу до мостот. Се разбира, кејовите во Скопје се многу пошироки топоними, подразбирајќи ги левата и десната страна на реката Вардар. Васил Икономов почина млад, во 1991 година. Некои од порталите пред неколку години направија убав гест објавувајќи негови стихови. Но тој е автор на три стихозбирки со различни мотиви, кои би требало интегрално да се објават. Скопје не смее да ги заборава оние што го сакаа!

(Данило Коцевски, Нова Македонија)

Најчитани вести