Одземање на лиценцата за работа на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА АД Скопје со Решение на гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска- Бежовска на 12 август 2020 година предизвика значително вознемирување и загриженост во јавноста за стабилноста на банкарскиот систем. Пред донесувањето на ова решение, гувернерката со Решение под број 15-14082/1 од 1-ви јуни 2020 година, ја повлекла согласноста на Еуростандард банка за вршење на финансиски активности за кредитирање во странство, за тргување со девизни средства и за тргување со хартии од вредност.

Со ова решение, кое сега излезе во јавноста, е нанесен првиот тежок удар на банката, и тоа неминовно водеше кон нејзино затварање и стечај. Зошто уште тогаш не е донесено решение за одземање на лиценцата за работа, кога и се забрани вршење на најзначајни банкарски работи, со што на банката тешко и се врзаа рацете?

Еуростандард банка важеше за современа модерна банкарска институција со комплетно електоронско работење, оптимални услови за работа и банка со долгогодишно искуство во банкарското работење. Еуростандард банка заедно со Поштенска банка имала 330 шалтери, кои веднаш после одземање на лиценцата на банката биле блокирани и на шалтерите во поштите неможел да ги врши  платен промет.

Решението за одземање на лиценцата на Банаката и причините за тоа на доста високо ниво го покрена прашањето за сигурноста во банкарскиот систем, можностите за злоупотреба, за ефикасноста (неефикасноста) на ревизијата и суперревизијата, како иманентен дел од банкарското работење. Колку и да се труди Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежовска да ги ублажи последиците од стечајот и да ги минимизира штетите, сепак штетите и последиците се доста големи, како на стабилноста на банкарскиот систем, така и за  довербата во банкарското работење.

Први веќе ги ќе почувствуваа последиците 136.619 физички лица депоненти на штедни влогови за окулу 4,4 милијарди денари или 71,5 милиони евра со штедни влогови до 30 илјади евра.  Други 780 депоненти кои имале депозити во поголеми износи,  ќе бидат обештетени во стечајната постапка од стечајната маса. На удар се и повеќе од 50 илјади пензионери и други лица кои примале пензии и други надомествци преку банката, кои сега мора да отвораат трансакциски сметки во други банки. Трезорите на граѓаните во банката ќе бидат отварани одкако ќе се назначи стечаен управник. Последиците се мултиплицираат и се нижат една до друга, како за граѓаните така и за правните лица кои имале деловен промет и деловни односи со банката.

Според најновите податоци објавени од Народната банка 31 јули 2020 година во банката правни лица имале депозити од 13 милиони евра, додека 6,1 милијарди денари или окулу 100 милиони евра е износ на депозити на донаќинства.

Кредити биле одобрени во износ од  4,2 милијарди денари или 68 милиони евра на правни лица, додека 1,5 милијарди денари или 26 милиони евра биле одобрени кредити на на физички лица.

Правна регулатива за банкарско работење                     
Со Законот за банките се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија. Според членот 63 став 2 од Законот, Банката е должна да работи на начин кој ќе овозможи постојано да биде способна да ги исполни сите обврски (солвентност). Банката е должна да располага со адекватно ниво на сопствени средства во зависност од природата, видот и обемот на финансиските активности и висината на ризиците кои произлегуваат од извршувањето на тие активности. Членот 79 од Законот, предвидува обврска на банката да ја одржува ликвидноста и да управува со активата и пасивата на начин што ќе и овозможи намирување на пристигнатите обврски во секој момент.

Заради обезбедување на законитост во работата на банка, во Законот за банките  се обезбедуваат инструменти за управување и за контрола на банкарското работење, како што се Надзорниот одбор, Управен одбор на банката, Одборот за ревизија и други тела предвидени во законот и Статутот на банката. Освен внатрешната контрола на работењето, во членот 115 од Законот се предвидува супервизија која ја врши  Народната банка. Супервизијата ја оценува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето на банката со прописите. Законот предвидува и повеќе казнени и прекршочни одредби.

Зошто пропадна Еуростандард банка
 Пропаѓањето на една банка секогаш предизвикува голем интерес на општеството и граѓаните да се утврдат причините за пропаѓање на банката, последиците и штетите. Зошто пропадна Еуростандард банка? Пари во банката нема. Тоа го потврдува и претеседателот на Надзорниот одбор на банката и доминантен акционер и сопственик Труфун Костовски. Каде се парите на штедачите на банката и парите на акционерите? Ќе има ли одговорност за пропаѓањето и пљачкањето на банката или сè ќе заврши онака како што заврши пљачката на штедилницата ТАТ и други банки и штедилници?

Секогаш, како по некое непишано правило, кога СДСМ ги обавува функциите на власта, пропаѓа банка. Дали е тоа случајно? Зошто решение за одземање на лиценцата на банката гувернерката донесе и го објави на 12 август 2020 година, после изборите? Зошто ова решение не се донесе на 1-ви јуни, кога со решение на гувернерката на Еуростандард банка и се одземени најзначајните банкарски активности? Што очекуваше гувернерката дека за 40 дена ќе се подобрат состојбите во банката?

Имајки ги предвид сите околности, се поставува прашањето дали ова не беше само еден маневар на гувернерката од политички побуди, да не се објавува стечај на банката пред изборите, за тоа да не влијае на изборите? Ова не се никави инсунуации, туку несоборливи факти, затоа што решението на гувернерката од 1-ви јуни значеше само бај пас за купување на време, бидејки со тоа решение јасно се определува судбината и пропаста на банката.

Ова со Еуростандард банка  е реприза на пропаднатата штедилница ТАТ? Во ТАТ не се најде министерот во трењерки кој подигнал над 3 милиона марки, не се пронајде кој ги одзеде четирите црни вреќи сместени во трезорот на Управата за јавни приходи во Битола. Никој не одговараше за ограбените над 130 милиони долари од штедачите на ТАТ. За жал, многу граѓани кои цел живот работеле да ги спечалат парите кои ги изгубиле, тоа не можеле да го поднесат и си го одзедоа животот на дрвата на подножјето на Пелистер или со поболеа од јад од тешки болести од кои починаа,

Дали  Еуростандард банка е опљачкана и кој ја опљачка?
Уште на самиот почеток, од самата објава за одземање на лиценцата за работа на банката, почна жесток отпор против утврдување на елементарните причини кои доведоа до пропаѓање и стечај на банката. За сопственикот на банката и претседател на надзорниот одбор Трифун Костовски најголема кривица имал поранешниот претседател на Управниот одбор Николче Петковски, кој пак кривицата ја префрла на Надзорниот одбор со кој раководел Трифун Костовски!. Почна класична клачкалица.

Така како што се одвиваат работите, по се изгледа ќе излезе дека никој не е одговорен за пропаста на банката. Но дали е тоа така? Бидејки решение за одземање на најзначајните банкарски активности на банката е донесено на 1-ви јуни, а решение за одземање на лиценцата на банката е донесено после 40 дена, оставен е голем простор за манипулации и повлекување на депозити од поедини повластени физички и правни лица. Во ова време од банката масовно биле вадедни депозити од лица кои највероватно располагале со инсајдерски инфорции за одземање на лиценцата на банката

Нема случај на пропаѓање на банка без вмешаност на министер во Владата. Овој пат тоа е министерката за финансии Нина Ангеловска, која поголем дел од штедниот влог од над 50 илјади евра подигнала после донесување на решението за повлекување на согласност за вршење на одредени банкарски работи од 1-ви јуни 2020 година. Како член на Комитетот за финансиска стабилност на Народната банка, кој го формирал поранешниот гувернер Петар Ѓошев, таа располагала со информации за состојбата во банката. Тој повикува, ако не на кривична, тогаш на морална одговорност на министерката, која крајно неодговорно за еден  министер за финансии дури и се мајтапи со пренесување на некакви нејзини соништа.

Се чинат силни обиди пљачката на средствата на банката во врска со дадените кредити да се стави во обланда на “лоши пласмани”. Кредити дадени спротивно на правилата на банката и без адекватно обезбедување на враќањето на кредитот на повластени физички или правни лица, не може да се стави во графата “лоши пласмани”, туку во графата на злоупотреба на положбата и незаконито прибавување на имотна корист на штета на банката.

Гувернерката Ангеловска – Бежовска, место да се заканува со тужби, должна е да преземе мерки врз основа на веродостојни изјави и докази за вадење на депозити од банката од лица кои располагале со инсајдерски информации за тоа дека ќе биде одземена лиценцата на банката и ги подигнале депозитните средства.

За таа цел:

1. Народната банка е должна да утврди кои личности, односно кои правни и физички лица најмалку 6 месеци пред донесување на решението на одземање на лиценцата на банката ги подигнале депозитите од банката. Ревизијата, односно супервизијата на Народната банка мора да биде конкретна брза и неселективна, а не формална и површна и јавно објавена. За криминални активности во банка не важат стандардите за банкарска тајна.

2. Народната банка е должна, ако веќе се говори за “лоши кредитни пласмани”, да изврши ревизија на сите дадени кредити и да утврди дали при давањето на кредитите се почитувани правилата за банкарско кредитирање и oбезбедување наплата на кредитите, да утврди дали дадените хипотеки се адекватни за обезбедување на кредитни средства или се работи само за исполнување на една формалност на обезбедување на кредитот со хипотека на недвижен имот која немала реална вредност на обезбедување  на  дадениот кредит. Во ваков случај не се работи за кредитирање, туку се работи за злоупотреба на положбата и незаконито прибавување на корист на штета на банката. На ваков начин се пљачкала банката и се довела во состојба на неликвидност.

3. Должни сте гувернерке да проверите, во име на сигурноста на монетарниот систем и доверието на граѓаните во банките и на оштетените правни и физички лица и акционерите на банката. Должни сте да направите темелна проверка.

Ќе го проверите ли на пример, обвинувањето на претседателот на Надзорниот одбор г-дин Трифун Костовски дека:

Претседателот на Управниот одбор Николче Петковски го натерал неговиот вујко да отвори фирма со 5 илјади евра непаричен влог, на кого след тооа му бил  одобрен кредит од 1,2 милиони евра!? За три дена веќе ги немало парите, биле подигнати? За што се работи?

Или друг случај: Ќе проверите ли, како тоа на едно лице на два пати му е одобрен кредит од над 700 илјади евра со хипотека на исти недвижен имот во едно рурално место, кој се состоел од стара работилница и помошни простории, кои не вределе ниту 5% од одобрениот кредит? Кредитниот должник не го платил кредитот, а извршувањето не успевало бидејки се работело невреден имот. Ова гуевернерке Анита Ангеловска Бежовска веќе не е кредит, туку пљачка и прибавување на неоснована имотна корист со злоупотреба на положбата. Тоа не смее да остане неказнето и без надоместок на штетата..

Казнена одговорност на сторители на тешки кривични дела
Во член 181 од Законот за банките е предвидено кривично дело Предизвикување стечај на банка кое го извршува лице што со своето работење ќе ги прекрши одредбите од овој закон со што ќе придонесе за отворање на стечајна постапка кај банка и ќе предизвика штета за доверителите на банката, ќе се казни со затвор од три до десет години. Во член 257 од Кривичниот законик е предвидено кривично дело Оштетување или повластување на доверители.

Ќе поминат ли и овие тешки повреди на прописите за банкарското работење без одговорност, поради што е предизвикан стечај на Еуростандард банка,  со што е нанесена штета од над 150 милиони евра? Што се крие зад досега изнесените аргументи дека стечајот на банката бил цел на одредена групација да се приграби атрактивниот имот на банката и да се спречи нејзиното работење? Ќе се испита ли зошто не се прифатени предлози на менаџментот на банката за санирање на банката и  за нејзина продажба?

При состојба на очигледна и груба незаконитост која има за последица стечај на реномирана банка и нанесување на огромни штетни последици, досега не се јави нуту еден надлежен орган да го испита криминалот во банката и причините за нејзиното одење во стечај, ниту МВР, ниту Јавниот обвинител, ниту Финансиската полиција. Сите молчат, како ништо да не се случило. Сè се сведува на тоа дека Фондот за осигурување на депозити ќе ги надомест шедните влогови на штедачите до 30 илјади евра со износ од околу 69 милиони евра. Како да е тоа нормална работа, иако тие пари во Фондот се пари од граѓаните.

Доколку не се преземат мерки на казнено гонење за доведување на банката во стечај, тоа на долгорочен план тешко ќе се одрази на стабилноста на банкарскиот систем и слабеење на довербата на граѓаните и правните лица во безбедноста и сигурноста на  монетарниот  систем. Ќе се повтори ли ТАТ? За жал работите одат натаму.

(Колумна, Република)

Најчитани вести