Со 10.000 евра инвестиција над 70.000.000 евра ќе заработи фирмата Сархемс ДООЕЛ што го доби јавното-приватно партнерство за хеликоптерите со владата на Северна Македонија, формирана 24 дена пред да биде објавен јавниот повик за ова финансиски неисплатливо и законски спорно ЈПП. Оваа постапка ја следат многу законски прекршувања што ги констатирале и членови на Комисијата за јавни набавки во својот извештај, кој генералниот секретар и владата не го покажуваат на увид на јавноста.

Да одиме по ред.

Во извештајот и меморандумот потпишан лично од генералниот секретар Драги Рашковски, кој не им беше презентиран на јавноста и новинарите, нема маркирано дека овој извештај е класифициран или не, но не е јасно зошто го кријат.

Исто така, нема податок дали е во согласност со ЕУ регулативата или не. Ова се пропустите само на првата страна од извештајот кој Вечер.мк ексклузивно го објавува.

Генералниот секретар Рашковски на брифингот со новинарите напомена дека 5 компании се јавиле на јавниот повик. Во извештајот што го потпишал, пишува дека пристигнала само една понуда и тоа од Сархемс. Дали уште во текот на постапката некој им сугерирал на другите компании да се откажат или Рашковски не ја кажува вистината, засега останува непознаница.

Пропустите потоа се редат и натаму во речиси сите 40 страни потпишани од генералниот секретар Драги Рашковски. Но, извештајот е усвоен од владата на 29 октомври годинава, и донесена е одлука да се избере Сархемс, кога овој извештај го добива и архивскиот број.

Од поинтересните детали издвојуваме дека фирмата Сархемс, формирана само 24 дена пред јавниот повик, успева да достави документ дека во последните 5 години има завршено слична работа како ова ЈПП и дека има авио сертификат ТЦДС, благодарение на конзорциумскиот настап.

Со внимателно читање на извештајот, се забележува дека потврдата дека Сархемс има завршено ваква слична работа во последните 5 години, ја доставил по завршување на рокот од 10.10, т.е. ја доставил на 16.10.2019 и повторно некој морал да констатира дека тоа е законски.

 

Има уште ситни детали, како што недостига финансиската конструкција во овој извештај, но најинтересното сепак е кон крајот.

На страна 36 во извештајот, некој констатирал е дека понудувачот Сархемс навреме ги доставил сите документи кои ги барала комисијата од него.

 

Но, половина пасос подолу, во издвоено мислење, двајца членови не се согласуваат со овој извештај, и даваат одвоени мислења, по што недостигаат и потписи на членови на комисијата.