Силната терапија со седативи и антидепресиви која тим на Народниот правобранител при посетата на Воспитно-поправниот (ВП) дом „Тетово“ утврдил дека им се дава на затекнатите штитеници, според евиденцијата што ја затекнале, од 5 до 20 милиграми, останува. Државниот здравствен инспекторат – Охрид утврдил дека терапијата им била препишана врз основа на специјалистички извештаи и прегледи од психијатри вработени во Општата болница Охрид.

Контролата во ВП Дом „Тетово“, како што ни изјави заменичката Народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа била извршена во јули за да се види дали нешто е поправено од состојбата што ја затекнале при контролата во 2016 година. И тогаш Народниот правобранител констатира дека на децата, малолетниците и штитениците кои издржувајќи ја неколкугодишната воспитна мерка станале полнолетни, им се дава дијазепам од 20 милиграми дневно.

„И во 2016 година рековме дека не е во ред толкави дози да им се дава на децата во ВП Дом „Тетово“. Ние знаеме дека ги препишува стручно лице невропсихијатар, го видовме тоа од евиденцијата. Контролата од Државниот санитарен здравствен инспекторат требаше да утврди дали е во ред на овие деца и малолетници, па и полнолетните кои дошле таму кога имале 14, 15 или 16 години, да им се дава толкави дози на седативи и антидепресиви“, вели Бајрамовска – Мустафа.

Од надлежните институции очекува да извршат контрола и дали има штитеници кои сѐ уште се во Домот, а притоа се меѓу случаите кои беа затекнати под силна терапија во контролата во 2016 година.

Државниот здравствен инспекторат од Охрид денеска при вонредниот инспекциски надзор констатирал: „Во однос на терапијата која им се ординира на штитениците во КПУ Охрид, од извршениот надзор во ЈЗУ Општа болница Охрид констатирано е дека терапијата е врз основа на специјалистички извештаи (прегледи) од психијатри вработени во Општата болница Охрид. За двајца од штитениците терапијата е дадена врз основа на нивната претходна хоспитализација во Клиниката за психијатрија Скопје. За следење на здравствената состојба на штитениците се вршат редовни прегледи што се потврдува со приложените специјалистички извештаи од мај, јули, септември и октомври 2019 година“.

Бајрамовска – Мустафа потсетува дека и пред три години кога тим на Омбудсманот ги затекна поспани и замајани под дијазепам децата на издржување на воспитни мерки во „Тетово“, одговорот од надлежните инспекциски органи бил ист: „Дијазепамот е препишан од стручно лице“.

Најчитани вести