Новата стратешка кампања на ненародната власт во Република Македонија, заедно со нејзиниот носечки слоган „На прав пат“, отвара уште едно подглавје во стрмоглавото уривање на државниот и политичкиот поредок. Ова произлегува од евидентниот аргумент дека тие и нивните стратези се сосема свесни за улогата која ја одиграа во изминатиов период.

Она што сега сакаат да го потенцираат, а неуспешно им тече низ ногавицата е дека  постои кај нив интерес за корекција и дека се екипираат за да ја изнесат Македонија на нов колосек при што невнимателно оставаат огромен простор за сомнеж, околу тоа што всушност правеа до сега и каде не донесоа на прагот од третата година од нивното ненародно дивеење. Евидентно е дека во мачни времиња и во матни води, најдобро се согледува кој со каква лажица се ранел.

Во нашиот случај, јасно е како ден, кои беа намерите и која беше причината да дојдеме до работ на комплетното разурнување на севкупниот уставен поредок. Лошата тактика, надополнета со слаби и речиси неспособни раководители, високиот криминал и корупцијата, како и ужасниот третман кон јавните добра и даночните обврзници, ја ставија оваа власт на пиедесталот на недржавно и неетичко владеење и истиве ќе останат запомнети, како најлошите од најлошите во сите времиња од кога е конституирана македонската национална држава.

Условите налагаат да погледнеме со тага на сите оние упропастени судбини кои беа дадени како жртви во оваа беспоштедна битка на доброто и на злото. И кога го велам ова, не заборавам ни за миг дека во оваа кашканица, голема улога одиграа и големи имиња од десниот политички блок, практично челните луѓе на претходните раководства на ВМРО-ДПМНЕ кои беа синоним на лошата слика која се изгради и главниот мотив кој ги донесе резултатите од падот на десницата и на предвремените парламентарни избори во 2016 и на локалните избори во 2017 година.

Уверена сум дека без овие бескичмени профитери, овој шљам кој ја предводи Република Македонија, немаше да има ни минимална можност да го спроведе сценариото за уништување на македонската држава, ниту пак ќе беше возможно да се институционализираат на недемократски начин и надвор од уставните рамки низа на законски решенија кои ја обезличија нашата држава и пред сѐ македонскиот народ на нивото на безимени и безгласни поданици од времето пред Берлинскиот конгрес од 1878 година.

Реториката со која оние на кои им беше доделена светата должност да не претставуваат во високите тела на државата, беше злоупотребена и истата стана измиена и тотално изменета сѐ со цел да биде релативизиран фактот дека тие, во корелација со нивната вистинска природа, стравот од неиздржаноста на нивните карактери и дефинитнивно, нивниот личен интерес преточен во уцени и анимална борба да се превеслаат што е можно побезбедни во периодов на политички прогон, ја контаминираа, за среќа неуспешно, големата борба за македонската правда.

Но, ова не дава утеха, туку е уште еден симбол на човечките слабости, кои ни порано, а ни денес, не можат да бидат исчистени од калта и од срамот. Затоа и постои толкавата раздвиженост токму од овие личности во десниот блок, во време кога власта упорно го игнорира нашиот апел за итно распишување на предвремени парламентарни избори, тврдејќи дека сме на „прав пат“, упорно потпикнувајќи ги под ќилим бројните афери и незаконското работење, ужасната економска состојба и неугледноста на Република Македонија пред очите на меѓународната заедница.

Сите овие несреќни обиди за маскирање на жалната реалност кај нас дома, стануваат уште поголем индикатор за агонијата со која истиве секојдневно се справуваат.

И наместо, правда и подобар живот за македонските граѓани, овие донесоа епидемија од несреќи, неизвесност, нечовечно и непрофесионално управување и многу зла крв, која за жал ќе ги следи до крајот на нивните животи. Поинаку, не би било можно да слушаме и да гледаме како ден за ден ги употребуваат своите уловени поданици, кои толку неинтелигентно и срамно мораат да докажуваат колку е оваа власт прекрасна, каков голем визионер е Зоран Заев и како во оваа бајка од соништата, лошото раководство на Мицковски се виновни за тоа што стаса есента, а ние сеуште не сме ја изградиле ракетата за патување на Марс?!

– Борбата за човечки правдини и за македонското национално и државно достоинство, допрва започнува. Секој еден кој се нафатил да се бори во овие неприлики, мора да биде свесен, дека стравот и колебливоста се нашиот најголем непријател.

Вредноста на нашиот демократски капацитет, како и силната увереност во евроинтегративниот процес, се заснива на непоместливиот темел на нашата македонска издржливост и истрајност во крајната цел. А таму, таму треба да стасаат оние кои имаат силна волја и стручност со која ќе ја вратат државата во нормала и ќе им ја вратат надежта на разочараните македонски граѓани.

Вистината и правото се на наша страна, зошто обновата на Македонија, е иднина за сите оние кои ја почитуваат својата родна земја, а придонесот на секој поединечно е личната биографија на нашите идни поколенија. И на крајот од овој пеколен период, ќе изгрее новото Сонце, кое ќе донесе утеха за обесправените и нова и посветла иднина за сите.

Најчитани вести