Го чекаме десеттиот Извештај од Европската комисија. Евидентно е дека Владата е сериозно загрижена околу можниот исход и јасно е дека истите се соочени со огромниот бран на ветени, а неисполнети очекувања, кои планираа да ги затрупаат доколку ја добијат спасоносната гума за пливање од нашите европски сојузници.

Сепак, идеализирањето и поданичкиот пристап на Владата кон надворешните партнери, за искусната Европа, не ќе да се доволен индикатор, со кој тие ќе отстапат од начелата врз кои почиваат европските вредности и во исто време не сум длабоко уверена дека истите ќе им возвратат на домашните послушници во иста мера, или онака како што овие се надеваа кога без размислување ги прифатија сите услови на штета на македонската национална држава. И овој факт, кој во секој случај е сериозен индикатор дека оваа пародија, по урнекот на Труман шоуто, го достигна највисокиот степен на сеопштиот економски и политичко-правен стрмоглав пад на нацијата и дека одговорноста за сите овие неприлики е директно и единствено на плеќите на ненародната власт.

Дека има простор за било какво извинување или префрлање на вината или пак за поделба на товарот, исто така длабоко сум уверена дека не носи вода и генерално не може да се земе за сериозно, освен за оние кои ќе сакаат да одлучат повторно да ги релативизираат состојбите и проблемите да ги наоѓаат на друго место. Доколку некој се запраша, зошто е тоа така?

– Одговорот не мора да го бара во вечното прашање за староста на јајцето или кокошката, туку само со еден површен поглед на изминативе неколку месеци, може да ги најде, не еден, туку повеќето од одговорите за тоа, зошто Европа не не гледа како сериозен државен субјект, кој заслужува да стане дел од нејзиното семејство.

Во сиот овој вител, во кој се испреплетени субјективните и објективните аргументи за тоа зошто по речиси осумнаесет години, преговарање и усогласување, отстапување и инвестирање, Република Македонија е отаде зелената меѓа и во еден тотално паралелен систем на вредности, кој е сочинет со многу манипулации, многу неправни и неправедни потези, како и со највисокиот степен на корупција и сеопшт грабеж, треба да сме неискрени или неразбрани пред се како луѓе, доколку сериозно поверуваме дека е возможно со сиот тој багаж, да бидеме прифатени како сериозно зрели за европското интегрирање.

Овој факт, не го кажувам ниту со злоба, ниту од јад, и за разлика од повеќето „слободоумни, само наречени патриоти“, мојот став е проевропски и секогаш се темелел на реал политиката и на општиот интерес на македонската држава. Но, она од што стравувам, во оваа ситуација е дека токму огромните грешки кои оваа власт ги направи и неспособноста да се издигнат над фрустрациите, криминалот и клиентелизмот, ќе им појдат од рака на оние кои преку растечкиот евроскептицизам ќе си ја видат шансата да грицнат од колачот, секако, за сопствена суета и за личен ќар. На тој начин, ќе се испреплетат и повторно ќе се замачкаат и одговорните кои доведоа до тоа да бидеме навистина никаде, како и оние кои со национал шовинизам и беспредметен популизам, ги брануваат духовите на македонските граѓани, кои се одамна жедни за вистинско водство и за подобар живот.

Затоа, претстојниот период е последната етапа на овој пекол кој ќе треба да биде преброден. Темницата е речиси комплетно симната и ја допира македонската почва, а граѓаните се преморени од распродажбата и шверцот со националните интереси.

Во Македонија тргувањето со човечките судбини и со се што може да се стави на тезга е реалност, а надежите и можноста за било какво подобрување се сведени на нула. Ова е така и ќе остане така се додека не се случи националното помирување, кое ќе ги исфрли од системот сите корумпирани и гнили алатки, од сите блокови и од сите институции и политички субјекти.

Овој процес, на фер и демократски избори, треба конечно да им остави простор на чесните и умните, а да ги закопа длабоко во минатото, партизираните и неспособните. Зошто Европа нема никогаш да не земе во предвид и тоа го тврдам и го гарантирам со сето битие, се додека ние самите не разбереме кои се нашите приоритети и со какви потенцијали и вредности застануваме пред неа!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (18 септември 2019) 

3,287

Најчитани вести