Домашните градежни компании не се наоѓаат во јавниот оглас за изградба на новиот Клинички центар на влезот во Скопје. Не можат да ги исполнат критериумите што ги бара Министерството за здравство,а не ни можеле да се покажат на вакви големи објекти, оти измината декада во Македонија такви не се ни граделе.

„Компаниите членки на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија имаат капацитет, знаење и искуство и се докажани во реализацијата на сериозни проекти во земјата, земјите од регионот и пошироко. Оттука, домашните градежни компании имаат капацитет да учествуваат во изградба на овој проект. Но, се поставува прашањето во однос на исполнувањето на бараните услови во распишаниот јавен оглас на Министерството за здравство, да имаат реализирано вакви или слични проекти во текот на последните 10 години, имајќи предвид дека во последните децении во Република Северна Македонија не се градеа објекти од ваков тип. Воедно, се поставува прашањето и во однос на исполнувањето на бараните критериуми за економската и финансиската состојба на економските оператори, со оглед дека домашните компании не го исполнуваат предвидениот финансиски услов во однос на минимумот годишен вкупен приход“, велат од коморското здружение, во кое членки се големите градежни компании, меѓу кои „Гранит“ и „Бетон“.

Јавната набавка за изградба на нов универзитетски клинички центар на гринфилд-локација по модел „клуч на рака“ со поддршка при менаџирање на проект, Министерството за здравство ја распиша на 7 август. Компаниите што сакаат да учествуваат треба да имаат минимум годишен приход од 250 милиони евра и да има успешно реализирано во текот на последните 10 години одреден минимум објекти, во зависност од површината. Поради сложеноста на проектот, Министерството за здравство предвидува постапка на конкурентен дијалог.

Герман Филков од „Центарот за граѓански комуникации“ објаснува дека ваква постапка се користи во сложени проекти кога договорниот орган сака да прави нешто, но не нуди проект туку низ три фази доаѓа до целта.

„Првата фаза е претквалификација, во која секоја заинтересирана компанија што исполнува услови може да поднесе пријава за учество на тендерот. Законот одредил дека минималниот рок за пријавување е 30 дена, а во огласот рокот за пријава за учество е одреден на 45 дена и трае до 20 септември. По завршување на првата фаза, комисијата изготвува извештај во кој е оценета способноста на кандидатите и се дава листа на квалификувани кандидати. Тие ги поканува на дијалог, како втора фаза на јавната набавка. Во оваа фаза договорниот орган започнува дијалог во кој се дискутира за сите аспекти на јавната набавка, заради утврдување и дефинирање на најсоодветните начини на задоволување на потребите. Рок колку трае оваа фаза – нема“, објаснува Филков додавајќи дека како ќе изгледа Клиничкиот центар ќе се знае кога ќе заврши дијалогот со одбраните фирми што би го граделе.

Кога договорниот орган ќе го заврши дијалогот, и за тоа ќе ги информира учесниците кои учествувале во последниот дел од дијалогот, секој од нив го поканува да поднесе конечна понуда врз основа на договореното решение. „Критериумот врз основа кој ќе се избере една понуда ќе биде најдобар однос меѓу цената и квалитетот, како што утврдува новиот Закон за јавни набавки. Со стариот закон не можеше да се оценува врз основа на квалитет, туку само според цена. Новиот закон е усогласен со директивите на ЕУ. Најниската цена не е веќе единствен критериум. Односот меѓу цената и квалитетот е еднаков на најисплатлива понуда. Не може ниту само квалитетот да биде критериум. Конкретно за оваа постапка бидејќи е сложена, законот наметнува критериум за избор на понуда да биде најдобриот однос меѓу цената и квалитетот“, укажува Филков. Цената на понудата ќе носи 30 бода, а квалитетот – 70.

Избраниот модел по кој ќе се гради Клиничкиот центар „проектирај, изгради и опреми“  за градежниците е прифатлив.

„Овој модел се применува во развиените европски и други земји и домашните градежни компании изразуваат поддршка на примена на овој модел и во нашата земја. Сепак, сметаат дека за примена на овој модел од страна на домашните компании потребно е соодветно допрецизирање на законската регулатива од областа на градежништвото. Имено, регулативата во минатите години ги насочи компаниите на раздвојување на работењето на посебни делови за проектирање, изведба и ревизија согласно условите на пазарот, а продуцирани од Законот за јавните набавки и Законот за градење. Примена на критериумот најниска цена во тендерските постапки, доведе во пракса цената да биде одлучувачка при изборот на главен изведувач. Тоа е спротивно со начинот на работа пропишан во огласот за изградба на универзитетски клинички центар и се надеваме дека во иднина ќе се оствари долгогодишната заложба на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората оваа пракса да се надмине, а со тоа сите аномалии кои го рушеа системот претходните години би се елиминирале, со што предност ќе се даде на квалитетот, искуството и брзата градба“, велат од Стопанската комора на Македонија.

Со тендерот што го распиша последната влада на ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2016 година, изградбата на новиот универзитетски клинички центар беше проценета на 128 милиони евра, од кои само за изградба, како што кажа тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, околу 68 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот беше најавена со вкупна вредност од 128 милиони евра. Беше предвидено новиот Клинички да се гради од март 2017 година до крајот на 2021 година.

Новиот Клинички 500 милиони евра

Новиот Клинички центар ќе се гради на локацијата Веле Поле во Општината Ѓорче Петров. Предвидено е да чини околу 500 милиони евра, пари кои ќе се обезбедат преку заем од Рајфајзен банк, Ерсте груп и Уни кредит банка. Изградбата е најавено да почне од 2020 година. Првата фаза треба да биде готова за 3,5 години, кога би се префрлиле некои оддели. Најпрво ќе профункционираат хируршките клиники, операционите сали и Ургентниот центар. Потоа ќе се префрлат клиниките за гинекологија, за педијатрија и онкологија. Инфраструктурата ќе се плати со пари од буџетот.

(Nezavisen)

3,831

Најчитани вести