[video:https://www.youtube.com/watch?v=9Zx04DlUb68&feature=youtu.be]

 

Според информациите од полицијата, првосомничен е екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски кого полицијата го терети за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери. Верушевски во периодот од 2012 до денес, според информациите на МВР, прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на државните органи во Македонија во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци кои се однесуваат на општествено-политичките, економски, безбедносни состојби во земјава, со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Заев информациите ги добивал од Верушевски, со кого остварил повеќе тајни средби, со посредство и помош на третопријавениот, 53 годишен локален фуницонер од Општина Струмица.

Второосомничена е неговата сопруга која служела за давање на информации кои подоцна биле искористени за вршење на делото. Таа била вработена во Стопанска банка, каде обработувала податоци. Сопругата на Верушевски на својот службен компјутер на работното место, според МВР, вршела превод на документи и податоци на англиски јазик, кој и ги давал осомничениот, за тој потоа преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи.

Четвртоосомничениот Зоран Заев со повеќе лични средби и телефонски комуникации, на претседателот на Владата јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази против него. Заканата ја конкретизирал со тоа што на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му вршел притисок да распише предвремени избори и да се формира техничка влада. За возврат ветувал дека немало јавно да ги објави информациите.

Според полицијата, изворот на Заев му бил Верушевски. Тој податоците ги добивал од него на повеќе тајни средби, а со посредство на третопријавениот. Применети се посебни истражни мерки, а на 22 јануари извршен е и претрес кај Верушевски при што се најдени 2 пиштоли, 4 компјутери и 6 мобилни. Од анализата на содржината во компјутерите пронајдени се илјадници документи кои покажуваат дека се сторени делата.Меѓу доказите најдени се и снимки од разговори на лица од политиката и јавниот живот. Станува збор за обемна содржина од преку милион фајлови.

Покрај Верушевски и Заев осомничен е и вработен во општина Струмица. Денеска извршен е и претрес во домот и други простории при што се одземени три лап-топ компјутери, еден персонален компјутер и 20 мобилни апарати, а претресот се уште е во тек.

Целата група ќе одговара за насилство кон државни органи, загрозување на уставен поредок и демократски институции, дело кое прв пат се открива во Македонија.

Заев е единствениот кој не е приведен во оваа полициска акција. Останатите тројца веќе се во рацете на полицијата. Зоран Верушевски е уапсен пред неколку дена, а сега приведена е и неговата сопруга Соња како и Бранко Палифров од општина Струмица.

Најчитани вести