Русите решија да влезат во војна со Заев. Ги ставаат во мирување плановите во Иран, Сирија, Украина, за наследничката на Меркел, Брегзит, спасување на Салвини од Русијагејт, пенетрација во новата европска десница, за Венeцуела... тоа е неважно. Русите донесоа одлука: Македонија ни е најважна и Заев мора да падне! Нивниот Јанко Бачев за премеир, а Мицковски како проевропски останува во опозиција.

 

За таа цел рускиот портал Спутник објавија три, запамтете го бројов – три разговори кои двајца руски пранкери во период од десет месеци ги правеле со македонскиот премиер Заев кој верувал дека разговара со украинскиот претседател Порошенко и генералниот секретар на НАТО Столтенберг.  

 

Во разговорите слушнавме дека Заев, како струмичка алапача, нашироко разговара со лажните Порошенко и Столтенберг за муабети што ги правел со Меркел и низа американски функционери без око да му трепне дека тоа не е ни професионално, ниту политичко или безбедносно однесување. Пранкерите за Спутник рекоа дека Заев до толку се занел што зборувал за важни работи за кои тие не го ни прашале.

 

Просто, тој е импресиониран од самиот факт што разговара со битни ликови и прави се да им се докаже дека е равен на нив со тоа што во разговорите покрај своето име уфрла имиња на Помпео и Вес Мичел. Колку сум важен штом тие разговараат со мене, им порачува Заев на останатите. Како лигавиот Фрчкоски кога се служи со странцизми и цитати за да го сокрие и покрие својот ништожен измамнички лик.

 

Да ти е срам да слушаш. Паланечки менталитет на човек во чии раце е твојата судбина. Можам да ги за мислам во НАТО, и нивниот страв, кога дознаваат со кого ќе соработуваат во делење информации и тајни, и колку тие НАТО тајни ќе преживеат откако ќе дојдат во рацете на Заев. А тајни ќе има, Шекеринска се пофали дека седела на НАТО масата и дека отсега па натаму и таа ќе биде на асталот на кој се одлучува за НАТО политиката. Подобро НАТО тие тајни да ги објави на Фејсбук.

 

Изгледа Русите се глупи. Кога веќе го ставиле Заев во машина и во скут, требало да продолжат со разговорите преку пранкерите и да го водат натаму за свои потреби дознавајќи така се што има како сознание од НАТО и од Помпео. Вака, го загубија соработникот од кој сега се пазат сите, и не го играат освен за вицови и тендери.

 

Пранкерите по објавата рекоа дека биле пет разговори, а не три, и ние не знаеме што се Заев зборувал и откривал во другите два разговори, како што не знаеме дали има и многу други разговори со лажни соговорници на Заев од кои се откривани информации. Ако се Русите глупи, има кој не е глуп. Капак е дека Заев им станал досаден на пранкерите, им звонел ноќе кога спијат, и решиле да го откачат така што ќе објават кои се. За да не им се јавува повеќе.

 

Заев, по совет на своите советници, трустот мозоци почнувајќи од Љубе Бошкоски до Цветанка Ласкова, и сите 50 помеѓу нив, реши на прес конференција да се вади: па што, ме нашле мене добар и наивен, има и други кои ги наместиле па ете не даваат оставка. Има и други, ќе има и следни, но никој освен нашиот Зоран Заев не разговарал со пранкерите подолго од десет минути. Видел дека соговорниците се лажни и им затворил телефон. Само Заев, нашиот премиер, им бил пациент година дена, им се јавувал и тој на нив на личен телефон да се пофали со кого се сретнал и да оговара што зборувал со битни светски фаци. Има разлика, нели. Секој може да се сопне на камен, ама никој друг не се сопиња секој ден на истиот.

 

Заклучок: после се што гледаме од него Заев нема ниту личен ниту стручен капацитет за било каква одговорна јавна функција. А најмалку за премиер. Ниту ја разбира ниту ја спроведува политиката, воопшто не се ни фокусира на тоа туку негов интерес се само семејните бизниси. Затоа со леснотија ветува иако знае дека нема шанси ветеното да се исполни, него тоа не му е ни важно, секому ќе го каже она што сака да го чуе за да не се вознемирува и оддалечува од главниот интерс.

 

Вовлекувањето на МПЦ во корупција преку неговата спремност да плати за автокефалноста е губење на преговорите за автокефалност заради кримогена атмосфера. МПЦ молчи, а молчењето има своја цена. Заев ќе ги донира.

 

Во неговиот финансиски ситем на вредности нема место за нација, егзистенција на граѓани, слобода, култура, историја или национален идентитет. Сето тоа го смета само за проблем со кој губи време во салдирање на бизнисите и го решава со лесно давање се што му се бара а не е негово, за да не се замара со небитни работи. Тоа е резултатот од сета таа политика и загуба која ја трпиме во неговиот мандат.

 

Сите кои му пречат се обележани, навредувани, клеветани, апсени, затварани. Уништени. Има војска од платени медиуми, невладини организации, обвинители, судии, шефови од криминалното подземеје и партиски соработници кои ги плаќа од државни пари да му го чистат теренот и чуваат грбот додека тој бизнисува. Бројот и судбината на неговите жртви докажува дека ниту е добар ниту е наивен човек.

 

Неговата провинциска природа станува државен проблем. Неговата склоност да се дружи до криминални ликови пред кои има доминација и му се восхитуваат е видена: од Захир Бекири Чауш до последниот, Тал Силберстин. Првиот фатен дека поседува 70.000 туѓи телефонски разговори и печатница за лажни пасоши, а за последниов се водат судски процеси во Израел и Романија за поткуп, перење пари и нелегално финансирање избори. Патем, Силвестрин кажува дека добил 400.000 долари за кампања со лажни вести. Идеални партнери за потребите на Заев.

 

Во таа група влијателни советници и соработници на Заев се и Љубе Бошковски, Боки 13, Зоран Башановиќ, командант Вентили, Бекир Асани Беќо, Џабир Дерала, Цвете Ласкова, Александар Ружин... одбрани политички величини и авторитети. Затоа ниту Заев, ниту неговите советници, не знаеле ниту ги интересирало дека украинскиот амбасадор во Македонија уште од 2017-та предупредувал дека пранкери лажно се претставуваат како Порошенко во телефонски разговори.

 

Заев доби власт без победа на избори, власт стекната со незаконско објавување туѓи телефонски разговори и со лажни вести. Тој легализира криминал во политичката борба кој добива сатисфакција, награда. Со бомби стекнато – со бомби ќе го загуби.

 

Никој веќе не се сомнева во криминалот на Рашковски, на Филипче, Шилегов, Анѓушев, рекетите на неговите соработници во кои се вклучени и газди на партиски медиуми. Се уште не добивме одговор како се случи такво совпаѓање кога во време на првите бомби во 2015, до кои Шилегов имал пристап, да се тргува со нив, и баш во тоа време во 2015. Шилегов да купи два стана и стотина иљади разговори да се најдат на црниот пазар и сега да се објавуваат дали од Ел Чека, или некој друг.

 

Ќе дојде казна и за морбидната некрофилија на СДСМ и Заев кога на фамилиите на жртвите и јавноста им ветуваа откривање на некои други причини за убиства кај Смилковско езеро, Диво насеље, Мартин Нешковски... за смртта на малата Тијана, на Никола Младенов... Кога се тргуваше со туѓа смрт како на пазар само да се добие глас на избори. СДСМ и Заев и тоа го понудија на својата тезга, и измамија.

 

Кој ќе запре илегално објавување туѓи телефонски разгивори, сега против Заев и неговите, ако еднаш видовме дека со тоа се заработуваат милиони, и се добива власт. Особено сега откако од сефовите на СДСМ излегоа иљадници туѓи телефонски разговори, а тој што ги купил сака да си го врати вложеното, или да се одмазди некому. Секако, некој ги има и разговорите на Заев, Шилегов и Шекеринска и ќе дојде време да ги чуеме, ако во меѓувреме не се плати да останат тајна.

 

Спремете се за следната фаза: станови и државјанства за мигранти и нивно вработување. Кога пред три години пишував за ова шарните врескаа за пропаганда. Инвестиции нема, но скандалите ескалираат. Шарени, уште ли сте тука или сте донирани и полна ви е устата со кеш?

 

Што би рекол Иво Андриќ: Ова се времиња кога паметниот ќе замолчи, будалата ќе проговори, а курвата ќе се обогати.

 

(15.07.2019)

12,121

Најчитани вести