Донаторството во Скопје има долга традиција. Скопјаните се донатори со големо срце. Особено е значаен нивниот удел при градењето на верските објекти. Религијата и црквата биле заштитнички, кои ги чувале духовниот и националниот идентитет на народот. Затоа, во Скопје има прекрасни примери кога народните маси преку разни форми на донација го помагале градењето на таквиот вид објекти. Наведуваме неколку конкретни примери.

Во 1835 година е завршена изградбата на црквата „Рождество на пресвета Богородица“ во Пајко Маало. Таа долго време била катедрална црква во градот. Но, без помошта на народот, црквата не можела да биде изградена. Во тоа време започнале да се формираат црковно-просветните општини како знак на националното будење на македонскиот народ. Познатите црковни општини, како и градбата на верските објекти ги помагале скопските трговци чорбаџии.

Тоа се случило и со подигањето на црквата „Рождество на пресвета Богородица“. Со свои средства помогнале чорбаџиите аџи Трајко, аџи Зафир и др. Освен што донирале материјални средства, тие го организирале народот физички да помага при изградбата на црквата: тулите и камењата се пренесувале од рака на рака, за да се забрза изградбата. Благодарејќи на материјалната помош од трговците и работната сила што несебично ја давал народот, била изградена една од најпознатите цркви во Скопје. Таа е опожарена во 1944 година, а потоа, на почетокот на 21 век повторно е изградена по пат на донација од страна на бизнисменот Трифун Костовски.

Прекрасен пример за љубовта на народот кон својата вера е обновата на црквата „Св. Спас“ по пат на донации. За прибирање материјални средства се ангажирале речиси сите мајстори од Старата скопска чаршија. Реставрацијата е правена подолг период во втората половина на 19 век.

Голема и бескрајна била љубовта на народот кон овој божји храм, за кој се претпоставува дека е еден од најстарите зачувани во Скопје, а неговите првични темели се лоцираат во 16 и 17 век. Со донациите бил реставриран познатиот иконостас изработен во резба со мотиви од Библијата, кој бил започнат во 1819, а довршен во 1824 година, изработен од Петре Филиповски-Гарката и Марко и Макарие Фрчковски.

Тогаш бил изработен и дел од иконите, а во 1867 година биле завршени престолните икони. Така, со помошта на народот, внатрешноста на црквата блеснала во својот полн сјај. Кон крајот на 19 век била реставрирана и црквата „Св. Димитрија“ со несебичната помош од многубројните скопски донатори. Подоцна, во периодот помеѓу двете војни, подигната е камбанаријата со денешниот изглед, која била донација од видни скопски граѓани. Тоа донаторство е обележано со посебна плоча на која се испишани имињата на дарителите.

Пред почетокот на Првата светска војна започната е изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“ во познатото Влашко Маало кај денешниот Градски трговски центар. Таа продолжила да се гради и по завршувањето на војната, а била осветена во 1926 година. Донатори биле голем број имотни и видни граѓани. Црквата е оштетена во скопскиот земјотрес, а потоа е урната. Денес се привршува изградбата на новата црква „Св. Константин и Елена“ на улицата Македонија, при што повторно се присутни голем број донации.

Особено е интересна приказната за донаторството поврзано со изградбата на чаирската црква „Св. Ѓорѓија“ во Чаир. Според хрониките напишани од страна на чаирчани, црквата е осветена во 1928 година од тогашниот владика Варнава. Повеќе здруженија на занаетчиите од тоа време учествувале во донаторството.

Така, на пример, во дрворез биле изработени столовите за владиците како и оние што ги употребувале верниците. Камбанаријата на црквата „Св. Ѓорѓија“ била една од најубавите во Скопје. Камбаната била донесена од Виена, платена со средствата што биле собрани од чаирчани.

Најтешко било ѕвоното да се искачи на врвот од камбанаријата. Тој херојски чин самиот го направил гимнастичарот, чаирчанец, Димче Нушев што, всушност, било негов личен придонес за подигањето на црквата. Хроничарите велат, исто така, дека за прв старешина на црквата бил поставен чаирчанецот Ацо.

Црквата „Св. Петка“ во Црниче има особено интересна историја во врска со донаторството. Еден од жителите на овој скопски крај сонил дека во неговиот двор е закопана икона. При раскопувањето на дворот се потврдило дека неговиот сон укажал на еден вистинит податок. Во неговиот двор навистина открил икона – иконата на пресвета св. Петка.

Тој веднаш го донирал тој свој имот за да може токму на него да ѝ се гради храм на св. Петка. Од другите донатори, како главни, се споменуваат скопјаните: Коста Кранго, Антон Дерибаба, Димитар Стојанов, Никола Поп Панков и трговецот на велосипеди Диме Илиев. Но најбитен е фактот што сите православни христијани во Скопје се јавуваат како донатори, што само зборува за големата љубов и почит што се покажани при изградбата на храмот на маченицата и светицата св. Петка.

Со оваа црква е поврзано уште едно донаторство: имено, на црквата ѝ е подарена чудотворна икона што лекува, а која на црквата ѝ ја подарила скопјанката Нолчева. Таа иконата ја пронашла скриена во својот подрум за време на Втората светска војна и за неа никој не знаел. Ја пренела иконата во својот стан, а иконата просолзувала при секое нејзино разболување. Иконата помагала за лекување од бездетност и други болести. По наговор на еден од свештениците на црквата, Нолчева ја подарила иконата, и таа денес е наоѓа во самиот олтар на храмот во Црниче.

(Данило Коцевски, Нова Македонија)

162

Најчитани вести