Што подготвувале козачките домаќинки, очекувајќи ги своите воини од далечните походи? Ова е приказна за рецептите кои до денешен ден се актуелни.

Козаците од мали се обучуваат да војуваат. За време на воените походи во разни земји ги запознавале европските и источните традиции, меѓу другото и кулинарските. Ви раскажуваме за некои од нив.

 Рибина чорба со домати

Legion Media

Многу козачки населби се наоѓаат во близина на некоја река и затоа рибата заземала централно место на нивната трпеза. Една од најголемите козачки населби на Долен Дон било селото Елизаветинско, од каде потекнува рецептот за рибина чорба со домати. Се зборува дека ова јадење му се допаднало дури и на царот Николај Втори кој престојувал во овие краишта. 

Во ладна вода ставете ја рибата (на пример крап) исчистена од внатрешните органи и исечена на парчиња, 2-3 исечени компири, 1 главица кромид, 3 домати, додадете зачини и сварете. Парчињата варена риба сервирајте ги на чинија и прелијте ги со булјон од лута пиперка, лук и сол. Булјонот со зеленчук од кој е извадена рибата се сервира одделно. 

Кулеш со риба

Legion Media

Кулеш е ретка каша од просеано просо и други состојки и е мошне често кадење на менијата на воената кујна. Козачкиот кулеш се подготвува прилично густо, како обична каша. Се приготвувал за време на воените походи, далеку од стационарната кујна. 

За кулеш со риба потребно е да се измие просото и да се вари 10 минути. Посебно се вари рибата, смуѓ на пример, Рибата се чисти и се дели на мали парчиња. Во свареното просо се додава пропржен кромид, парчиња риба и зелени зачини и сето тоа добро се меша. 

Полнета пита за носење 

Legion Media

Парчиња свинско, говедско или овчко (по 300-400 грама) се шпикуваат со лук и се печат во рерна. Потоа месото се сече на шнитови со широчина од еден сантиметар и се става на развлечено тесто. Преку месото се става слој исечкан домат, потоа слој пропржен кромид и преку сето тоа се прави решетка од тесто кое е исечено на ленти. Подготвената пита се пече во рерна.

Риба полнета со каша 

Legion Media

За да го подготвите ова јадење потребна е риба со икра. Можете да земете деверика или крап. Рибата се распорува и се чисти од внатрешните органи. Икрата се одвојува и се меша со полуварен ориз или со просо. Исчистената риба на парчиња се маринира еден час во бело вино, а потоа се полни со кашата и со икрата и се става во длабока тава. Обилно се прелива со сончогледово масло, пропржен кромид и се прелева со булјон од риба. Сето тоа се вари, се засолува и се додаваат зачини по вкус. 

Донска чапра 

Legion Media

Во тегла ставете 3 пиперки, половина лута пиперка, 3 домати, 3 чешнења лук, гранче босилек, естрагон и дафинов лист. Се вари сок од домати и се прелива зеленчукот во теглата. Херметички се затвора и се пастеризира 10-15 минути. Ова јадење се служи како мезе со јадења од месо или од риба. 

Козачка сољанка 

Legion Media

1 килограм мелено свинско месо, 150 грама сланина, 2 чешнења лук, 1 главица кромид и малку булјон се мешаат и со добиената смеса се полнат тенки свински црева, завивајќи ги и врзувајќи ги на секои 20 сантиметри. Добиените колбаси се обаруваат во солена вода 15 минути, а потоа се пропржуваат на свинска маст со кисела зелка.

Нардек (мед од лубеница) 

Legion Media

За подготовка на мед од лубеница потребно е да се исцеди зрелиот дел од лубеницата од кој се извадени семките. Добиениот сок се става во емајлиран или во бакарен сад. Се става на оган и се остава да зоврие. Се вари на тивок оган, мешајќи непрекинато за да остане осмина или десетина од почетното количество сок. Медот од лубеница се чува во стаклени тегли на ладно место. 

Донски медени колачиња 

Legion Media

Во половина килограм загреан мед од лубеници (нардек) или во обичен мед се додава лажичка сода бикарбонат и 750 грама брашно. Се мести цврсто тесто и се остава на собна температура два дена. Потоа се премесува и се развива со сукало на плоча. Тестото се сече со модла и се става на плех. Озгора медените колачиња ги премачкуваме со изматено јајце. Се пече 20-25 минути на температура од 180 степени.

Russia Beyond

68

Најчитани вести