Трамп го интересираат само пари, трговија и бизнсии а Путин единствено нуди геостратешка трговија со размена на влијанија... малку заеднички теми за конкретен ефект.

Истрагата на специјалниот советник Роберт Малер требаше да биде најголемата пречка за често искажуваната желба на претседателот Доналд Трамп да „стои добро со Русија“ и со нејзиниот претседател Владимир Путин, вели Леонид Бершидски за Москва тајмс. Но сега, кога Трамп е слободен од сенката на Малер најмногу што може да биде, односите на САД и Русија не се подобруваат: двете држави сè уште немаат ништо суштинско за што би се согласиле.

Посетата на државниот секретар Мајк Помпео во Сочи, Русија, во вторникот и неговите состаноци со Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров само го потврдија тоа. Ова е новата нормала, која најверојатно може да биде сменета, кон подобро или кон полошо, само со некој важен настан како што е демонтирањето на режимот на Путин.

Пред да излезе извештајот на Малер, дисфункционалниот однос беше на чекање. Трамп одби да се состане со Путин на самитот на Г-20 во Аргентина во ноември 2018 година, наведувајќи го како причина тоа што Русија заплени два украински брода во Керченскиот теснец. Олеснувањето од тоа што Малер не успеа да најде докази за заговор Трамп-Русија, сепак, поттикна продолжување на контактот, иако украинските морнари останаа заробени од Русите.

Трамп и Путин зборуваа на телефон на 3 мај; според Кремљ, тоа било по иницијатива на Трамп. Трамп раскажуваше дека Путин бил саркастичен за заклучоците на Малер: Тој „некако се смееше кога ми рече нешто во стилот дека сè почнало како планина, а завршило како глувче“. На Трамп тоа очигледно му било убаво, но инаку бесплодниот разговор кружел околу истите стари основи - Украина, Северна Кореја и Венецуела, која сè посилно ја турка Сирија надолу на листата на задолжителни теми.

По Малер, некои руски и украински коментатори ги оживеаја разговорите за потенцијалната голема зделка меѓу Путин и Трамп во однос на Венецуела. Грубо кажано, таквиот договор би содржел прекинување на руската поддршка за венецуелскиот диктатор Николас Мадуро, во замена за престанок на поддршката на САД за антирускиот курс на украинските власти. Слични идеи кружеа порано за Сирија наместо за Венецуела - но ни тогаш не беше постигната голема зделка, како што ниту сега нема да биде постигната.

Путин никогаш целосно не го контролираше сирискиот претседател Башар ал-Асад; ниту пак го контролира Мадуро. Тој, исто така, помалку може воено да го брани венецуелскиот диктатор отколку што го бранеше Асад. Од друга страна, Трамп не може да стори многу за да го промени курсот на Украина: Украинците не се пасивни минувачи во својата земја, и тие главно се против поклонување пред Путин.

Оваа реалност е очигледна за двете страни. Запрашан минатата недела дали е можно американско-руски договор за Венецуела, Лавров одговори со својата вообичаена мрачна иронија: „Трамп, обично е тој што подготвува договори“. Тој, се разбира, знаеше дека разговорите на двајцата претседатели за Венецуела во телефонскиот повик биле ограничени само на симболичните уверувања од Путин дека тој не се мешал таму и заедничката желба да се достави некаква хуманитарна помош до гладните Венецуелци, вели Бершидски.

Истражувањето на Малер фрли коприна врз американско-рускиот однос, осигурувајќи дека секој Трампов импулс да се обиде да го нормализира беше задушен со двопартиски хор од осуди во САД. Но сега кога Трамп е ослободен од обвинението дека заговарал (Путин, се разбира, не е ослободен од обвинението за мешање во избори), се откри дека коренот на проблемот е друг. Додека администрацијата на Обама имаше идеолошки несогласувања со путинизмот, оваа Трамповата не може да најде никаква корист од водењето бизнис со Путин.

Про-Путин коментаторите во Русија честопати се обидуваа да ја посочат домашната политика на САД како главна пречка. Ако беше до Трамп, одеше наративот, ќе имаше затоплување. Во реалноста, сепак, Русија е толку ирелевантна на економската и трговската агенда на Трамп што економските прашања дури не се ни појавуваат во ниеден американско-руски разговор. Проблемот на Путин е и отсекогаш бил тоа дека не може да се договара со Трамп на единствената тема што американскиот претседател навистина ја разбира: тој не сака да ги тргува геополитичките предности за ниеден економски мамец што Трамп би можел да го понуди, а тој нема што да му понуди на Трамп во областа на трговијата и инвестициите.

Трамп се согласи да се состане со Путин на следниот самит на Г-20 во Јапонија кон крајот на јуни. Состојките за каков било договор сè уште ги нема. Лесно е да се сподели песимизмот на директорот на Карнеги-центарот во Москва, Дмитриј Тренин, кој во вторникот напиша дека на краток рок, односите меѓу САД и Русија „најверојатно ќе се влошат, пред да станат дури уште полоши“.

Најчитани вести