Министерство за здравство: Набавени се вакцини за сезонски грип

Министерството за здравство преку јавна набавка обезбеди 28.000 дози вакцини за заштита од сезонски грип за 2018/2019 година. Од таму велат дека станува збор за четиривалентна вакцина која е најнова и висококвалитетна и заштитува од четири видови на инфлуенца и е препорача од Светската здравствена организација и Европската медицинска агенција.

„Годинава, за првпат се набавуваат вакцини против сезонски грип кои се бесплатни за лица над 65 години со просечна и потпросечна пензија, како и за оние без пензија. Министерството за здравство, во оваа постапка задолжително во условите, побара документи со кои се потврдува квалитетот на вакцините. За оваа набавка, министерството испланира 13.333.333 денари, но по спроведената електронска аукција, постигната е цена во вкупен износ од 8.666.665 денари. Со тоа, при набавката на вакцините постигната е најниската цена на чинење, со што Министерството заштеди околу 75 илјади евра“, соопштија од Министерството.

Четиривалентната вакцина е производство на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.

Од Министерството наведуваат дека вакцинацијата е единствена превентивна заштитна мерка против грип и се препорачува за лицата постари од 65 години, особено хронично болните, здравствени работници, лица со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и воопшто за лица со намален имунитет.

Вакцинацијата ќе се одвива во Центрите за јавно здравје низ државата. Количините ќе бидат распределени според потребите на населението.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари