Брошевите на Владо Димов и долговите за вода

МИНИСТЕРОТ ДИМОВ, ПРЕД ДА ГИ ИЗДВОЕЛ СРЕДСТВАТА ЗА ПОДАРОЦИ НА НЕГОВИТЕ СОРАБОТНИЧКИ, ТРЕБАЛО ДА ЗНАЕ ДЕКА, НА ПРИМЕР ВОЕНАТА БОЛНИЦА ИМА ДОЛГ КОН ЈП "ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА"- СКОПЈЕ ОД 3.747.757 ДЕНАРИ, ДЕКА ГОБ ХИРУРГИЈА ДОЛЖИ 3.837.684 ДЕНАРИ, ДЕКА ГОБ ГИНЕКОЛИГИЈА, НЕМА ПЛАТЕНО ВОДА ВО ИЗНОС ОД 3.497.351 ДЕНАРИ, ДЕКА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР ДОЛЖИ, ЗАМИСЛЕТЕ, 18.608.857 ДЕНАРИ ЗА ВОДА И Т.Н. СЕГА, ЗНАЧИ ПО ПОДАРОЦИТЕ НА ДИМОВ, ВО ИЗНОС ОД, ЗА МАКЕДОНСКИ УСЛОВИ, ФРАПАНТНИ 55.000 ДЕНАРИ, СЕ ПРАШУВАМ ШТО ГО СПРЕЧУВА ЈП "ВОДОВОД" ДА ИМ ЈА ИСКЛУЧИ ВОДАТА НА СПОМЕНАТИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ ЦЕНТРИ, КОГА МИНИСТЕРОТ МЕСТО ДА ГО ПЛАТИ ДОЛГОТ, КУПУВА НАКИТ ЗА СВОИТЕ КОЛЕШКИ. ОДГОВОРОТ Е НИШТО.

Почетокот на новата година, уште еднаш ја потврди констатацијата дека Република Македонија е држава на апсурди. Кај нас стана апсолутно нормално, во услови на длабока економска, и во таа смисла, катастрофална општо-човечка и морална криза, луѓето, кои се избрани во наше име да управуваат со државата, да се однесуваат спротивно на очекувањата на нивните претпоставени, односно на избирачите. Во најмала рака е морално и политички нечесно, во услови на стапка на невработеност од 40% и кога сиромаштијата достигнува огромни размери, владејачката политичка елита, да се однесува секој ден, како да им е последниот ден од животот. Афера со работен наслов "ВРАТЕТЕ ГО НАКИТОТ, КУПЕН СО НАРОДНИ ПАРИ", претставува еклатантен пример, за распонот меѓу начинот на живот, односно преживување на македонските граѓани и хировите, односно фрустрациите на нашите властодршци. Во оваа смисла, проблемот не е во подарокот сам по себе. Напротив, таквата пракса е прифатлива, бидејќи во основа станува збор за израз на внимание и почит кон одредена личност. Меѓутоа, проблемот е во вредноста на подарокот, независно што нашиот министер по жестоките притисоци на јавноста, се реши да издвои лични средства за да ги плати подароците за министерките Шекеринска, Митрева и Младеновска. Имено, во услови кога граѓаните, значи оние кои ги избираат политичарите, живеат со месечни примања не поголеми од 6000 денари е апсолутно перверзно, г-динот Владо Димов, да ги опсипува со толку големо внимание сопствените колешки! Впрочем, сумата од 55.000 денари, за министерот Димов можеби и не е толку битна, но за еден просечен таксист, кој за да ги заработи истите пари треба да извози 11.000 километри или за еден просечен земјоделец, кој треба да оствари жетва од околу 6000 килограми пченица, тоа се исклучително сериозна сума. Токму тука е проблемот! Затоа такви беа реакциите на граѓаните и јавноста. Од друга страна, наспроти ваквиот однос на Димов, со право се поставува и второто прашање. Зошто тој, во услови кога здравството е пред колапс, кога пациентите умираат пред аптеките и болниците, а кога дел од корумпираните здравствени раководители се богатат, не вложи дел од таа и од многу други суми, од т.н. фонд за репрезентација, да реши дел од проблемите, кои го оптоваруваат неговиот ресор. А, ќе се согласите, накитот во ниту еден случај не може да се користи како медикамент. Освен, можеби како психолошко средество, како ментална алатка, која претставува потврда за големината на позицијата на која се наоѓаат нашите министри.
Конкретно, министерот Димов, кога се работи за ЈП "Водовод", пред да ги издвоел средствата за подароци на неговите соработнички, требало да знае дека, на пример, Воената болница има долг кон нашето претпријатие од 3.764.955 денари, дека ГОБ Хирургија должи 3.839.690 денари, дека ГОБ Гинеколигија, нема платено вода во износ од 3.497.351 денари, дека Клиничкиот центар должи, замислете, 17.001.690 денари за вода и т.н. Сега, значи по подароците на Димов, во износ од за македонски услови фрапантни 55.000 денари, се прашувам што го спречува ЈП "Водовод" да им ја исклучи водата на споменатите здравствени центри, кога министерот наместо да го плати долгот купува накит за своите колешки. Одговорот е НИШТО. Меѓутоа, ако се работеше за него, односно за власта уште другиот ден во нивните домови, чешмите ќе осамнеа без вода. Меѓутоа, повторно тие се скрија зад граѓаните. Тие, и во овој случај остнаа неми сведоци на пустошот што го оставија. Уште повеќе, се обидуваат да ни создадат некаква розова реалност, која единствено во нивните насмевки, и се разбира во насмевката на Премиерот можеме да ја препознаеме. Но, на граѓаните не им е до смеење. На "Водовод", уште помалку. Меѓутоа, трогнат од тешкотиите со кои се соочуваат граѓаните, водата на споменатите здравствени центри нема да им биде исклучена. Нема да го направиме тоа, затоа што уште еднаш жртва ќе бидат граѓаните. Затоа на целиот глас ќе говориме и пишуваме дека министерот Димов и неговите колеги во Владата, парите на народот ги користат за брошеви и друг накит, а не вложуваат ниту грам енергија за санирање на купиштата од проблеми, како што се неплатените долгови за вода. Почитуван г-дине Димов, бидете доблесен и поднесете оставка. Дури и Вие знаете дека не се работи за накитот, како таков. Проблем се сигналите кои ги испративте, а кои ни ги отворија очите, дека ништо не сработевте, односно дека здравството е во кома. Затоа, со терминологијата, на народот, сакам да Ви порачам дека за подароци се потребни двајца, но уште поважно за вода се потребни, исто така двајца.

Миле Јанакиески Авторот е директор на ЈП "Водовод и канализација"

Поврзани

Најнови вести

Коментари