Фудбалот одамна не е само спорт, туку глобална индустрија во која се вртат милијарди – од трансфери на играчи, спонзорства и телевизиски права, маркетинг, продажба на билети… Големите европски клубови функционираат како корпорации, со буџети повисоки од касите на некои државни министерства, со играчи што вредат колку и добро разработени компании.
Во амбиент во кој освен тимовите и управите на клубовите, за натпреварите се интересираат само најзапалените и не многу бројни клупски навивачи, минатата година имало заеднички приходи од 11,56 милиони евра.

Поделено со 25-те клуба, регистрирани како акционерски друштва и друштва за спортски дејности (за кои има податоци во базата на Бизнис Мрежа), излегува дека, во просек, секој од нив имал промет од 462,3 илјади евра. Навистина, во однос на 2023 година, има раст од 2,34 насто. Тоа може да се смета како добра вест. Лошата е поврзана со заедничката добивка, која е речиси преполовена. Од прекланските 803 илјади евра, лани добивката била 416 илјади евра. Клупскиот просек е 16,6 илјади евра.
Бројот на вработени е зголемен од 336 на 355 лица (+ 5,65 %), а просечната исплатена плата бележи пораст на агрегатно ниво. Сепак, кога оваа сума ќе се распореди меѓу тие 355 вработени, се доаѓа до просечна плата од 23.100 денари во 2024 година (19.600 денари во 2023 година), што укажува на ниски примања.
Во македонскиот фудбал сѐ се сведува на десет клуба. До тоа сознание Пари дојде преку анализата на нивните достигнувања. Наместо дадените и примените голови, се задржавме на приходите, добивките и бројната состојба на вработените, податоците со кои располага Бизнис Мрежа објавени на порталот Пари.
На страната од приходите – 82,5 насто од вкупните приливи на средства се регистрирани кај 10 клуба. Нивниот заеднички резултат е 9,5 милиони евра. Забележливо е дека кај пет од нив приливите се намалени.

Актуелниот првак на Првата македонска фудбалска лига – тетовска Шкендија, е лидер и на оваа табела, на која пласманот е според реализираните приходи во 2024 година. И покрај потфрлањето од над десет насто, ја задржува челната позиција со приход од речиси 2,5 милиони евра. Најверојатно, и ќе остане на врвот ‒ Шкендија влезе во групната фаза на Конференциската лига, што им носи сигурни 3,2 милиони евра. Понатаму, зависи како ќе се покажат на зелените терени – секоја победа ќе се наградува со 400 илјади евра, а нерешениот резултат ќе обезбедува 133 илјади евра.
Уште два клуба имаат приходи од над милион евра: Струга-Трим-Лум со износ од 1,53 милиони евра и со минус во однос на 2023 година од 5,18 насто; и кратовски Силекс, каде што намалувањето е за 5,54 насто.
Највисоката позитивна годишна промена од 84,3 насто се случила во струмичката Академија Пандев. Зголеменото полнење на приходната мрежа од 533,8 илјади евра (2023 година) на 983,8 илјади евра лани говори за агресивна стратегија и силна поддршка од трансфери и спонзорства.

Со импресивен раст од 75,48 насто и износ кој достигнал 830 илјади евра, можат да се пофалат и во Тиквеш 1930. Очигледно, кавадаречкиот клуб ја добива потребната поддршка од локалната заедница.
Понатаму, на оваа табела се битолски Пелистер (со + 20,13 насто и со знаци на стабилизација), три скопски клуба и КФГ Гостивар, каде што приходите имаат солиден процентуален раст од 44,26 насто. Што се однесува до клубовите од главниот град ‒ Работнички бележи мал пад од 2,47 насто (637 илјади евра);
Вардар успеал да оствари 500 илјади евра приход, но сè уште е само сенка на некогашната скопска гордост; а Шкупи со падот од 58,53 насто и со промет од 433 илјади евра е најголемиот губитник според динамиката на приливите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата