logo
logo
logo

Повеќе од еден век се сметал за „изгубен“: СЕ ПОЈАВИ ПРОЧУЕНИОТ ФИРЕНТИНСКИ ДИЈАМАНТ

Vecer | 09.11.2025

Повеќе од еден век се сметал за „изгубен“: СЕ ПОЈАВИ ПРОЧУЕНИОТ ФИРЕНТИНСКИ ДИЈАМАНТ

Во текот на Битката за Британија, кога британската влада барала тајна локација за складирање на 186.332 златни прачки, се обратила до Канада. Златото било пренесено преку Атлантикот и сместено во набрзина изградeн трезор во Монтреал. Операцијата „Риба“ станала позната и по огромното количество злато и по големата тајност што ја следела, пишува „Гардијан“.

Затоа можеби и не изненадува што прочуениот дијамант, за кој се мислело дека е засекогаш изгубен, се појавил откако со децении стоел во трезор на една канадска банка.

Фирентинскиот дијамант, крушковиден камен од 137 карати со жолтеникава нијанса, го красел европското благородништво со векови. Сепак, откако исчезнал кон крајот на Втората светска војна, многу историчари и стручњаци стравувале дека бил украден, исечен или сокриен некаде во Јужна Америка.

Но, извештај на „Њујорк Тајмс“ открива поинаква приказна: овој драгоцен камен бил внимателно чувана семејна тајна, позната само на неколкумина наследници.

По Првата светска војна, австроунгарскиот цар Карло I ги скрил царските накити во Швајцарија, плашејќи се од болшевички и анархистички востанија. Тој и неговото семејство наскоро и самите емигрирале во Швајцарија.

Семејството повторно било принудено да бега во 1940 година, кога нацистите брзо напредувале низ Европа. Царицата Зита, сопругата на Карло, побегнала со осумте деца во САД, носејќи ги накитите во картонски куфер. Потоа семејството се населило во канадската провинција Квебек.

„Мојата баба таму се чувствуваше безбедно – конечно можеше да дише. Претпоставувам дека тогаш тој мал куфер завршил во банкарски трезор – и таму останал“, изјавил за „Њујорк Тајмс“ Карл фон Хабсбург-Лотринген, внукот на царот Карло I.

Во тоа време, само двајцата нејзини синови, Роберт и Рудолф, знаеле каде е сокриен дијамантот. Зита барала локацијата и самото постоење на дијамантот да останат тајна сто години по смртта на Карло (1922). Пред својата смрт, браќата ја пренеле таа информација на своите синови.

„Колку помалку луѓе знаат, толку е поголема безбедноста“, рекол Карл фон Хабсбург-Лотринген.

Зита се вратила во Европа во 1953 година, но накитите ги оставила во банката во Квебек. Починала речиси четири децении подоцна, на 96-годишна возраст.

Дијамантот околу кој кружат легенди

Фирентинскиот дијамант, за кој се верува дека бил во сопственост на Шарл Смелиот, а речиси сигурно и на семејството Медичи и подоцна на династијата Хабсбург, отсекогаш бил обвиен со мистерија. Неговото исчезнување предизвикало бројни шпекулации: дека го украле нацистите, дека го пронашле американски војници и го вратиле во Виена, дека бил пренесен во Јужна Америка и преработен, или дека Хабсбурзите го продале во очајнички обид да ги спасат своите финансии.

Една верзија тврдела дека дијамантот бил поделен и продаден како „Шах на Персија“, драгоцен камен од 99 карати. Друга теорија велела дека преработениот дијамант бил понуден на продажба во Женева во 1981 година.

Некои експерти шпекулирале дека неговата неправилна осмострана форма со 126 фасети можеби е резултат на стар индиски начин на сечење, додека други сметале дека обликот е дело на прочуениот фламански златар Лодвик ван Беркен.

Но, дијамантот пронајден во Канада несомнено е оригиналниот Фирентински дијамант, тврди Кристоф Кехер од накитарската куќа AE Köchert, некогашен дворски златар на Австроунгарија.

Семејството Хабсбург најави дека дијамантот ќе биде изложен во канадски музеј во наредните години, но дека нема да биде на продажба – и дека неговата вредност нема да се открива.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk