Вечер тема

Што и како договараа Трамп и Путин, и што следи на Балканот по таа средба

Во Хелсинки, на наутрален терен, се сретнаа американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Тоа е нивна четврта средба откако Доналд Трамп стапи на должноста претседател на САД. Средбата се случува во време кога Трамп е под силен притисок на своите политички противници дека победил на избори затоа што Русија се вмешала и му помогнала па, според тоа, мора да биде радикално антируски настроен за да се докаже пред светот и сопствената јавност.

Освен ова, дополнителен терет за Трамп пред американската јавност е што е нарушена нивната перцепција за глобална надмоќ откако Русија им ги зема под своја контрола Сирија и Иран, а Ирак и Турција се секој ден се поблиску до Москва отколку до Вашингтон. Најпосле, САД покажаа немоќ да преземат нешто ефикано и со анексијата на Крим.

Путин, од друга страна, има свои проблеми кои го мотивираа за оваа средба со Доналд Трамп. На прво место се санкциите воведени по руската анексија на Крим во 2014 година. Русија навидум добро се држи со европските и американски санкции, но одвнатре работитите не изгледаат така. Руската рубља доживеа сериозен пад откако за прв пат вредноста и падна на над 60 рубљи за долар, а американските и британски банки и лично, и преку своите финансиски канали наредија запирање на свежи пари и кредити за најголемите 20 руски компании. Ова стана сериозно особено откако САД во април годинава воведоа и дополнителни санкции против седумте најголеми руски олигарси кои поседуваат 12 од најголемите 20 руски компании, кои се блиски до претседателот Путин и врз чии активности Русија гради голем дел од својата економска политика, а меѓу кои е и зетот на Путин, Кирил Шамалов.

За само еден месец по априлското воведување нови санкции од САД акциите на Русал, најголемата руска компанија за преработка на алуминиум во сопственост на Олег Дерипаска - се преполовени, а акциите на другите негови компании паднале 34%.

Во таков амбиент, Путин се сретна во Хелсинки со Доналд Трамп. Кои се деталите, што навистина таму се случувало, и што може да се очекува?

Самитот, средбата, била закажана за 12 часот и 15 минути по локално време, меѓутоа Путин традиционално задоцнил, и во Хелсинки слетал во 13:30 минути. Ова ги налутило американските новинари, како и некои членови од тимот на американскиот претсдетаел но, не и Трамп кој имал разбирање за ова, за на крај да остави Путин да го чека него доплнителни дваесетина минути.

Според известувањето на финската телевизија YLE во Хелсинки имало повеќе независни групи демонстранти против Трамп, но не и против политиката на Путин. Против американскиот претседател се протестирало заради неговите трговски санкции кои освен против Кина и Русија се усмерени и против Европа, како и неговото несогласување со светската политика против глобалното загревање и заштита на екологијата. Тоа е првата разлика која на терен ја воочиле медиумите.

Според американските медиуми, меѓу кои и Си-Ен-Ен, самата средба во Хелсинки е дипломатска победа за Путин, и Трамп ќе мора сериозно да се потруди од средбата да извади барем нерешен резултат. За ваквите проценки Трамп имаше одговор ден порано, при посетата на Шкотска, кога изјави дека некои медиуми во САД имаат готови одговори и пред да се постават прашањата, и дека нема многу да се грижи за тоа бидејќи "и да ја освојам Москва, тие ќе напишат – а зошто не и Санкт Петерсбург..." изјавил Трамп.

Од друга страна Путин доаѓа растеретен од притисоци дома, само ден по завршување на Светското првенство во фудбал кое на Русија, а особено него лично, му донесе многу позитивен публицитет.

Американскиот политички портал Стрејт Тајмс пишува дека доколку Путин успее да го наметне принципот: да заборавиме што се случувало и да гледаме во иднината, тоа ќе значи дека САД го амнестирале за Крим, Сирија и низа други дејствија кои американскиот врв, и особено лево ориентираните медиуми во САД, ги сметаат за гревови кои на Москва не смеат да и се заборават и простат. Дека, ако Трамп така постапи, ќе се потврди тезата дека и е должен на Русија за својата претседателска победа. Тежок терет за Трамп, и пред преговорите воопшто да почнат.

- На Трамп му е неопходно да добие некаков конкретен резултат и подобрување на односите кое ќе трае многу подолго отколку кратката епизода по преговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џон Ун, изјавил Вилијам Кортни, извршен директор на Форумот Ранд. Според него тие резултати мора да се бараат на три места: утврдување на руската вмешаност во американските претседателски избори, причините за санкции против Русија и руското мешање во Украина, вклучително и анексијата на Крим.

Чарлс Капчан, од Советот за надворешна политика, смета дека Трамп ја пропуштил шансата да наметне тврда и одлучна политика против Русија, и дека на овој самит ќе има многу по еластичен став кон Путин отколку претходно.

Дејли мејл пишува дека е необично што самитот, првите 90 минути, ќе почне со средба во четири очи помеѓу Трамп и Путин, на која освен нив ќе бидат присутни само преведувачите. Наместо најавените 90, средбата лице в лице помеѓу Трамп и Путин траела повеќе од два часа.
Освен Дејли мејл, за оваа забелешка имаат и други американски медиуми кои пренесуваат одговор на Трамп дека тој сакал таков формат на средбата бидејќи имало работи за кои сака лично да разговара, и не сака повторно истекување на доверливи информации, да има свои заклучоци, а и дека му пречат некои јастреби од неговиот тим кои заговараат радикално тврда политика против Русија, и со своите забелешки ги отежнуваат самите разговори. Дури по тој разговор лице в лице им се придружиле првите дипломати Мајк Помпео и Сергеј Лавров, со нивните соработници.
По ова, во 15:40 следел заеднички работен ручек за Трамп, Путин и нивните најблиски дипломатски соработници за кусо запознавање со резултатите од нивните преговори, барем до она ниво кое е соодветно за таа намена и во тоа време.

Инаку, средбата се случи во Претседателската палата во Хелсинки, некогашна палата на руските цареви, во Готската сала во која во 1990 година се сретнале американскиот претседател Џорџ Буш постариот и рускиот (советскиот) претседател Михаил Горбачов. По оваа средба Советскиот сојуз се распадна, Русија падна во анархија и под владеење на новосоздадените олигарси, следеа немири и внатрешни судири... место со лоша меморија за Москва.

И во новинарскиот дел се забележани исклучоци од стандардите за вакви прилики, Имено, во Хелсинки се формирани два, одделни прес центри: еден за руските, а друг за американските новинари и медиуми, иако секогаш порано имало еден прес центар.

На поминување, по средбата во четири очи а пред работниот ручек, Трамп накусо за американски новинари изјавил дека е задоволен од средбата, и дека е таа добар, многу добар почеток на идните односи. - Тоа светот го очекува од нас, заклучил Трамп.

Конференцијата за новинари почнала со големо задоцнување, дури околу 17 часот, и со инцидент кој го предизвикал американски новинар од неделникот и порталот Нејшн, кој е изнесен од просторијата од страна на амерканаското претседателско обебзбедување.
Прв до јавноста и новинарите се обратил рускиот претседател Путин со многу општ заклучок дека преговорите биле успешни, и дека очекува многу од проблемите со кои се соочува светот, а во кои влијание имаат Русија и САД, да бидат решени. Сеакако, има теми на кои и не се сложуваме, но во најголем дел нашите гледишта се блиски и јас верувам во добра иднина, изјавил Путин. Во таа прилика Путин објавил дека Русија на никој начин не се мешала во американските избори, а дека во врска со решавање на кризата во Украина очекува САД да помогнат со тоа што ќе извршат притисок врз Кијев.

По Путин, свој дел пред новинарите имал и Трамп кој изјавил дека глупавата политика на САД довела до толку лоши односи помеѓу Америка и Русија, иако за таквата состојба потоа ги обвинил и двете страни, заклучувајќи дека по овој самит односите се многу подобри. Според Трамп, тој е убеден дека Русија не се мешала во американските избори и тој чесно извојувал голема победа над Хилари Клинтон, и дека е позитивно изненаден што Путин прифатил заедничка стручна комисија за истражување на наводните руски хакерски напади во САД. – Најважна задача е да соработуваме околу нуклеарното вооружување, а нашиот договор може да спаси стотици иљади животи во Сирија, изјавил американскиот претседател. Во врска со германско-руската соработка на новиот гасовод, Трамп рекол дека е подготвен да се натпреварува за европскиот пазар.
Во врска со Крим, според изјава на Путин, останле разликите во разбирањето на случајот.

Ваквите средби, по правило, имаат свои битни последици. Што ќе биде понатаму?

Секако дека на прес конференцијата не се кажани суштинските точки од преговорите во четири очи, но наскоро, и тоа веќе во наредните месеци, може да се очекуваат резултатаите од оваа средба, пред се во однос на Сирија и Блискиот исток и кризата со Северна Кореја, подрачја врз кои Путин има директно влијание. Исто така може да се очекува и резултат на односот на САД кон руските гасоводни инвестиции во Европа, како и односот на САД кон се почестите конфликти во европското семејство и се поизвесната европска поделба.

Освен ова, сосема е можно постапно намалување на американските санкции кон Русија, како и кратење на црните листи за руските олигарски, што е домашна задача за Путин пред овој самит во Хелсинки.

Најпосле, се случи и она што како лошо сценарио за САД и Трамп го најавуваше Стрејт Тајмс, а опишано преходно во оваа тема: Самитот заврши според потребите на Путин, со изјава на Трамп... минатото не не интересира, да гледаме во иднината... со што станаа небитни “гревовите“ на Русија за кои со години Вашингтон сака да наплати казна. 

Дел од американската јавноста, пред се од редот ан Демократрите но, и од Републиканците кои немаат добри политички и бизнис релации со Трамп, овој самиот го нарекоа “предавство на државата“ затоа што Трамп се оградил од ФБИ и нивнице наоди за влинјанието на Москва врз претседателските избори, и му дал за право на Путин дека такво нешто немало.

А Балканот, дали и ние сме биде дел од тие преговори во четири очи? Мала е веројатноста дека е трошено време на тема за нашето здравје и балканскиот просперитет. Овде, помалку или повеќе, течат веќе договорени процеси. Може да се смета за извесно дека Русија ќе го намалува своето влијание на Балканот, препуштајќи и го местото на Турција, а американското влијание ќе биде се поизразено.

Москва е голема регионална сила, концентрирана пред се на територија блиску до сопствените граници, а Балканот сепак е далеку од таму. Најавите на српскиот претсдеател Алексанадар Вучиќ, според многумина близок сојузник на Русија, дека српската јавност треба да се подготвува за решение за Косово кое е проблем стар 100 години е знак покрај патот кој укажува на тоа дека Косово, битна балканска точка за американската политика, е пред решение. А потоа, останува само да ја решат Република Српска, и на тој пат не може да се очекува конкретна руска помош.

Колку и да е апсурдно, и спротивно на секојдневната руска дипломатска реторика, на Москва и одговара конечно решение за отцепувањето и независноста на Косово затоа што по таа аналогија на Русија и е полесно да ја легализира анексијата на Крим. Во Белград тоа го знаат, и се обидуваат - ако е тоа веќе неизбежно, да се пазарат лично, за сопствен интерес, а не за интерес на Москва.

Да се постетсиме и ние, по средбата помеѓу Буш и Горбачов во 1990 година во истиот тој Хелсинки, се распадна Југославија. Горбачов и генералот Димитри Јазов ветија но, не ја испорачаа ветената помош за опстанок на Југославија, а понатаму - сите знаеме што и како следеше.   (vecer.mk)

Поврзани

Најнови вести

Коментари