Ако вие не можете да дојдете во УЈП, тогаш УЈП ќе дојде кај вас

Управата за јавни приходи тврди дека процесот за регистрација на граѓаните како обврзници за персонален данок на доход не е сложен. Директорката Сања Лукаревска објасни дека обврзниците мора лично или преку полномошник да дојдат во најблиската канцеларија на УЈП заради заштита на личните податоци.
„Кој било друг модел би значел финансиски трошок за обврзникот. Наша интенција е да се олесни процесот на регистрација. Новиот модел ги ослободува граѓаните од пополнување пријави, барање извештаи од исплатувачите, турканици за поднесување пријава. А регистрацијата се врши само еднаш", објасни Лукаревска, дополнувајќи дека доколку граѓанинот не може лично да ја изврши регистрацијата, тоа може да го направи преку полномошник, за што треба или заверка пред нотар или двајцата да дојдат во УЈП, што би го изоставило нотарскиот трошок.

За лицата што од различни причини, сепак, не можат да стигнат до УЈП, УЈП ќе дојде до нив. За тоа ќе бидат ангажирани мобилните даночни шалтери.

„Има различни категории граѓани кои треба да бидат регистрирани и кон секоја категорија ќе се постапува на различен начин", велат од УЈП.

За сите проблеми што би можеле да се јават во текот на регистрирањето, освен овие на кои деновиве укажуваат граѓаните, УЈП допрва ќе прави тест- регистрации за различни целни групи.

Даночната управа потврди дека законот предвидува казни за оние што нема да се регистрираат. Но не сакаше да каже колкави се.

„Да зборуваме за убави работи, да не зборуваме за казни", изјави Лукаревска.

До Нова година сите што имаат лични приходи по која било основа треба да се регистрираат како обврзници за персоналец. Тоа значи дека сите граѓани што земаат плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од добивки од игри на среќа, од странство или имаат други приходи за кои се плаќа персоналец, прво треба електронски да се пријават во системот на Управата за јавни приходи e-pdd.ujp.gov.mk. потоа да го отпечатат барањето за регистрација на системот е-персонален данок, кое автоматски ќе се покаже по пополнувањето на пријавата и да ја однесат во најблиската даночна канцеларија на УЈП, лично или преку полномошник.

До крајот на април наредната година, УЈП треба да изготви пополнета годишна даночна пријава, врз основа на податоците од исплатувачите и другите институции и преку електронската адреса да им ја достави на граѓаните. Потоа граѓаните имаат еден месец да ја исправат пријавата, доколку во неа има неточни податоци за приходите и платениот персонален данок. Најдоцна до 31 мај исправената пријава граѓаните треба да ја вратат во УЈП, електронски.

Поврзани

Најнови вести

Коментари