Русија ан Балканот

Сведочења: Милошевиќ ја бараше ветената помош од Москва, но никогаш не ја доби

Зденко Томановиќ, еден од адвокатите на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ во интервју за белградски Недељник раскажува за неговите последни денови во затворот во Шевенинген пред да почине. Томановиќ интервјуто го дал два дена откако во Белград беше убиен адвокатот Драгослав Миша Огњановиќ, и тој еден од адвокатите на Милошевиќ. 

Убиениот адвокат Миша Огњановиќ освен што бил во правниот тим на Милошевиќ повеќе од деценија бил адвокат на еден од лидерите на белградското подземје Лука Бојовиќ и неговите соработници, а убиството се поврзува со одмазда од соперничкиот црногорски клан. И Миша Огњановиќ во повеќе свои ТВ интервјуа тврдел дека го слушал Милошевиќ и неговите убедувања дека е труен во Хаг, и дека систематски се злоупотребува неговиот здравствен проблем со срцето и високиот крвен притисок. 

Дали заради страв за својата лична безбедност по убиството на Огњановиќ, или нешто друго, и адвокатот Зденко Томановиќ даде интервју по убиството на својот колега во кое осудува убивање адвокати заради нерасчистени сметки на подземјето, и даде свое сведочење за постапката на Слободан Милошевиќ во Хаг. Адвокатот Зденко Томановиќ е инаку последен Србин кој го видел Милошевиќ жив, и едниствен кој го видел починат во хашкиот затвор.

- Ден пред да биде најден починат во неговата затворска ќелија Милошевиќ ми се јави и побара да дојдам нешто порано од вообичаеното кај него. Ми даде со рака лично напишано писмо и побара да го однесам во руската амбасада и писмото потоа да биде предадено на рускиот министер за надворешни работи Лавров. Во писмото тој изнесуваше тврдења дека во хашкиот затвор го трујат и изрази загриженост за својот живот, на крај бараше помош од Русија. Писмото го однесов во руската амбасада како што беше од мене побарано, а утредента Слободан Милошевиќ веќе беше починат, вели адвокатот Зденко Томановиќ.

Русија не му помогна на Милошевиќ. Прв пат кога тој очекуваше помош од Русија беше во 1991 година, воочи почетокот на југословенските војни кога тогашна Југославија доби ветување од рускиот министер ѕа одбрана на тогашниот СССР маршал Димитриј Јазов дека Москва нема да дозволи војна во Југославија и доколку таа биде извесна тие ќе помогнат, па ако треба и ќе интервенираат воено.

Пролетта 1991 југословенскиот министер за одбарана, генералот Вељко Кадијевиќ ја посетил Москва, а домаќин му бил маршалот Јазов. Претседателот на СССР Михаил Горбачов не го ни примил југословенскиот министер за одбрана Кадиевиќ бидејќи - бил зафатен со други обврски. Во декември таа 1991 година маршалот Јазов предводеше обид за воен удар против советскиот претседател Горбачов кој не успеа, но Горбачов падна, а на негово место дојде Борис Елцин.

Таа помош од Москва да се сочува Југославија без војна никогаш не се случи, а војните потоа ја поделија Југославија и однесоа над 200.000 жртви. По масивната акција со бомбардирање на тогашната Југославија од страна на НАТО, на 11/12 јуни 1999 година, само два дена по потпишувањето на кумановскиот договор за повлекување на српската војска и полиција од поктаината, први на Косово влегоа руските војници од 98. руска гардиска десантна единица под водство на полковникот Сергеј Павлов од нивната база во Тузла што за Србија беше надеж дека Косово нема да се загуби, и дека Резолуцијата на Обединетите нации 1244 за српска власт над покраината заедно со КФОР се до конечен договор ќе се испочитува. Но, на 5 мај 2003 година рускиот претседател Путин донесе одлука за целосно повлекување на околу 1.000 руски војници од Косово, а на 17 февруари 2008 година Косово прогласи независност.

Помош од Москва не доби ни Милошевиќ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари