Планот-Б на Каменос ги потресе политичарите и грчките медиуми

Предлогот на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, за одбранбен балкански сојуз, изнесен неделава во САД и натаму е една од главните теми во грчките медиуми. „Катимерини" пишува дека односите меѓу двата коалициски партнера и натаму се затегнати, пренесувајќи дека ставот на премиерот Ципрас е дека иницијативата за таквиот предлог на Каменос не е став на владата, туку оти министерот дејствувал унилатерално.
Од своја страна пак, лидерот на Независни Грци, помалиот коалициски партнер во владата, Каменос, изјави дека тој е на иста линија со владата и оти не може да носи независни одлуки, а со пријателите дискутирал за реално алтернативно решение.
Се очекува двајцата коалициски партнери да се сретнат деновиве, штом Каменос се врати од посетата на САД.
Сета ситуација ја искористи опозицискиот лидер, Кирјакос Мицотакис, кој во своја изјава реагираше со оценка дека „во време кога на државата и е потребно зајакнување на кредибилитетот властите се однесуваат како да се театар".
Инаку, грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос и лидер на партијата „Независни Грци", коалицискиот партнер во грчката влада, смета дека Македонија нема да го спроведе договорот со Грција и предложи алтернативен план, кој, како што вели, би ги содржел истите геостратегиски одредби како Преспанскиот, без да се отвора прашањето за името.
За време на неговата средба во вторникот, во Стејт департментот, со Стејт Мичел, американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Каменос ја објавил идејата за одбранбен договор меѓу Грција, Македонија, Албанија, Бугарија и подоцна Србија со цел консолидирање на стабилноста долж северната граница на Грција.
Според Каменос, таков договор би обезбедил стабилност во Македонија, но и би го заштитил регионот од влијанието на Русија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари