logo
logo
logo

За прв пат во модерната историја парламентот брои 297, наместо 300 пратеници

СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ: Одземени мандатите на тројца пратеници од екстремната десница

Vecer | 10.06.2025

СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ: Одземени мандатите на тројца пратеници од екстремната десница

Врховниот изборен суд на Грција го исклучи од парламентот лидерот на екстремно десничарската партија Спартијати, како и уште двајца пратеници, а сите тројца се под истрага за изборна измама, објави грчката новинска агенција АНА.

Мандатот на Василис Стигкас, лидерот на таа мала екстремно десничарска партија што влезе во парламентот пред две години, и уште двајца пратеници беше одземен кога судот ги уважи жалбите на гласачите кои тврдеа дека вистинскиот лидер на партијата Спартијати е Илијас Касидијарис, поранешниот портпарол на неонацистичката партија Златна зора, кој моментално е во затвор.

Таа историска одлука на судот, со кој претседава претседателот на Државниот совет, го намалува бројот на пратеници во грчкиот парламент на 297, во споредба со претходните 300, што е прв пат во модерната историја на земјата.

Судот соопшти дека тие места нема да бидат распределени на други партии ниту дадени на други кандидати кои се на второто место.

Партијата Спартијати, на која ѝ беше забрането учество на европските избори минатиот јуни, освои повеќе од 240.000 гласови и 12 места на парламентарните избори во 2023 година, по јавната поддршка на Касидијарис од неговата ќелија. Стигкас јавно му се заблагодари за, како што рече, „охрабрувањето“ на нивниот изборен пробив.

Владејачката партија Нова демократија, како и социјалистичката партија ПАСОК, поднесоа жалба до Врховниот суд тврдејќи дека Касидијарис е „вистинскиот“ шеф на Спартијата.

Во 2023 година, Врховниот суд покрена постапка против 11 пратеници избрани под покровителство на Спартијата поради изборна измама.

Илијас Касидијари моментално отслужува 13-годишна казна затвор заедно со други поранешни лидери на Златна зора за кривични дела, вклучувајќи го и убиството на антифашистичкиот рапер Павлос Фисас во 2013 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk