„Помина првиот круг, малкумина од власта на СДСМ и ДУИ беа
свесни за тоа што ќе се случува. Но, ние таа енергија која што ја чувствуваме
во кампањата, таа емоција која што доаѓаше до нас беше исклучително силна. И ни
беше прилично јасно дека ќе се случи голема победа, и дека разликата ќе биде
исклучително голема“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
од митингот во Јегуновце.
„Но, тоа што се случи на 24-ти април морам да признам и да
бидам како и секогаш искрен со вас, ги надмина и нашите очекувања. Ние мислевме
дека ќе биде до 150.000, а излезе 183.000 гласа разлика“, рече тој.
Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот изминативе
години испишува историја и прави историски резултати.
„Да се навратиме кога ни предвидуваа дека нема да биде така
како што ние очекуваме, дека власта ќе издвојува апсолутна победа и дека тоа е
крајот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и оваа
генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ. Ние заедно со вас, заедно со народот на
Македонија успеавме да издвојуваме две убедливи победи на тие локални избори и
во првиот и во вториот круг, и за првпат во независна Македонија, во
демократска Македонија ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата заедно со народот успеа да
победи во мнозинството општини во Македонија и да има мнозинство од
градоначалниците во Македонија. Тоа беше првиот историски резултат“, потсети
претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„И тоа продолжи во првиот круг на претседателски избори каде
резултатот во однос на идниот претседател професорката Гордана Силјановска
Давкова со актуелниот и претседател во заминување Стево Пендаровски е 2:1. И
тоа е за првпат во Македонија се случува ваков резултат“, нагласи тој.
Тој посочи дека тука не треба да се застане, туку да се
продолжи до крај, до 90-та минута и минута после 90-та.
„Сега следната наша цел повторно историска е за првпат
некоја коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ од опозиција да освои мнозинство во
македонскиот Парламент. Потребно е мнозинство во македонскиот Парламент и
идниот претседател да биде Гордана Силјановска Давкова“, додаде Мицкоски.
„Јас сум убеден гледајќи го тоа што се случува овие пет дена
од кога заврши првиот круг на претседателски избори дека и тоа ќе се случи. Ни
остана помалку од една недела до денот на изборите и убеден сум од оваа
енергија и емоција која што ја чувствувам од народот македонски дека и тоа ќе
се случи“, укажа тој.